X
 17.12.2019 Образование

Пендаровски: Ни требаат суштински реформи за да не произведуваме само луѓе со дипломи, туку со знаење

Претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи го извештајот на УНДП за човековиот развој 2019, рече дека овие резултати се охрабрувачки само на прв поглед

Македонија е рангирана на 82. место од вкупно 189 земји во годинашниот Извештај на УНДП за човековиот развој 2019 – Нееднаквостите во човековиот развој во 21 век. Во извештајот се наоѓаме во категоријата на земји со висок човеков развој и од 2000 година до 2018 година има развој во сите категории. Пред нас, во категоријата земји со висок човеков развој, се Босна и Херцеговина, Албанија и Србија.
Претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи го извештајот, рече дека овие резултати се охрабрувачки само на прв поглед и оти постојат неколку области во кои сме понапред од другите во регионот, па дури сме на високо ниво и во однос на останатите европски држави, на пример, присуството на жени во некои институции, меѓутоа, постојат многу повеќе категории каде што сме на самото дно во Европа или во втората долна половина кога го мерите само балканскиот регион.


Фото: МИА

- Во поширокиот европски контекст, состојбата кај нас воопшто не е сјајна, и тоа поради најмалку две причини. Прво, во нашата категорија на држави со висок човечки развој има само шест од 44 европски држави. Најголем дел од европските држави припаѓаат на погорната категорија на држави со многу висок човеков развој. Второ, зад нас има само две европски држави од кои ниту една нема статус на кандидат за членство во Европската Унија - оцени Пендаровски.

Истакна дека извештајот на УНДП треба да се сфати со голема сериозност и да се соочиме со фактите кои зборуваат дека за речиси 30 години независност сме имале вкупно 21 парламентарни, претседателски и локални избори.
Пендаровски подвлече дека степенот на демократија во една држава, пред сѐ, се мери со способноста на државата да овозможи доследно почитување и владеење на правото, а функционалната правна држава е основен предуслов за одржлив јавен поредок.

- За жал, поради корупцијата и особено високата корупција, ние сè уште зборуваме за нееднаквост на граѓаните пред законите. Затоа и не треба да бидеме изненадени од нивното незадоволство. Додека сѐ уште преговараме за висината на минималната плата, прогресивниот данок, социјалната помош и другите неопходни мерки за намалување на економската нееднаквост, на повидок е нова генерација на нееднаквости што не може да се надмине само со традиционалните економски политики - рече тој.

Пендаровски, во поглед на образованието, рече дека факт е дека нашето образование, и државното и приватното, сѐ уште не е на европско ниво и оти факт е дека таму ни се потребни длабоки суштински реформи за да не произведуваме само луѓе со дипломи, туку луѓе со знаење.

- Ние во моментов генерално произведуваме многу повеќе луѓе што имаат парче хартија дека нешто дипломирале или завршиле, меѓутоа, тие се беспомошни по излегувањето од факултет на пазарот на трудот затоа што или немаат никаква вештина или имаат вештини кои не се барани на денешниот модерен пазар на трудот тука, па дури и надвор од нашите граници. Во тој дел претпоставувам дека ни претстои уште долг пат - рече Пендаровски.

Постојаната претставничка на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан, истакна дека Програмата за развој е посветена да оди надвор од границите на човековиот развој не оставајќи никого изоставен, да поттикнува локални акции за глобални промени и да влијае врз начинот како размислуваме, испорачуваме, инвестираме и како се справуваме со прогресот кон остварувањето на глобалните цели за одржлив развој.
Посочи дека годинашниот извештај покажува дека нееднаквостите се широко распространети, некои се однесуваат на животот и смртта, другите на пристапот до знаењето и технологиите што го менуваат животот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование