X
 03.01.2018 Живот

Во кој дел од авионот најмалку се чувствуваат турбуленциите?

„Дами и господа, врзете ги појасите“ – на некои патници во авионскиот сообраќај дури и оваа почетна реченица им е доволна за да добијат непријатно чувство.


Воздушните турбуленции не се пријатни, особено за оние што имаат страв од летање или чувствителен желудник. Но, не е исто чувството во секој дел од авионот. Каде е најдобро да се седи за турбуленциите да не се чувствуваат толку силно?

Професорот Андреас Стохмајер од Авионскиот институт во универзитетот во Штутгарт објаснува дека е најдобро да се седи во средината на авионот, бидејќи таму турбуленциите најмалку се чувствуваат. Авионот најмалку се ниша на местото каде што крилата се соединуваат со трупот.

Дополнително, патниците сместени околу средината на авионот најмалку го чувствуваат и менувањето на насоката на авионот. Спротивно, најнемирен дел од авионот е задниот. Кога пилотот управува со кормилото, патникот на „опашката“ од авионот може да почувствува како нешто да го влече од седиштето, а за време на турбуленциите како нешто да го турка. Тоа место не е идеално ни при полетување бидејќи тогаш патниците се чувствуваат како да пропаѓаат.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот