X
 12.01.2018 Наука

Новите фотографии од Јупитер потсетуваат на сликите од Ван Гог


Фотографија од Јупитер
(Фото: NASA / JPL-CALTECH)


„Јунона“, леталото на НАСА, сними фасцинантни фотографии од Јупитер. Фотографиите добиле бои во согласност со собраните податоци, откако биле обработени со посебни програми.

Една од поновите фотографии потсетува на сликите од Ван Гог. Сепак, експертите укажуваат дека боите на неа не се целосно веродостојни.

На пример, врвовите на облаците на Јупитер не би му изгледале сино на набљудувач што би се наоѓал над нив. Меѓутоа, обработката овозможува да се видат контурите на атмосферата на Јупитер кои на многу претходни фотографии ни приближно не биле толку јасни.

„Јупитер е убав и посебен, но ако премногу се доближите до него, тоа би можело да е вашиот крај“, напишал на својот твитер-профил британскиот графичар Шон Доран, кој веќе долго време волонтерски се занимава со обработка на фотографии од НАСА.

„Јунона“ ги снимила фотографиите на 16 декември 2017 година кога била оддалечена 13.345 километри од облаците, што е нешто повеќе од дијаметарот на Земјата.

Необработените фотографии што стигнуваат од „Јунона“ се објавуваат на страниците на JunoCam, така што кој сака може слободно да ги обработува.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука