X
 13.01.2018 Живот

Нашето детство наспроти современото, резултат 5:0


Девојче во вода
(Фото: Pixabay)


Кога вака едноставно ќе се спореди „нашето“ и „нивното“ детство, очигледно е дека од стојалиште на вредностите со кои сме растеле ние овој денешен „фазон“ е неприфатлив.

Убавите спомени се најголемото богатство, а од сеќавањата на убавото детство нема поубави. Анастазија Кузњецова, многудетна мајка, како што самата се претставува, го спореди растењето на денешните родители со детството на денешните деца. Таа издвојува пет поими низ кои јасно се оцртува разликата меѓу „тоа“ и „ова“ време.

1.    Почит

Кога бевме мали: Ги почитувавме повозрасните. Така нè учеа. И родителите, и бабите, воспитувачите, учителите, наставниците, па дури и непознатите. Тоа беше толку природно што никој не размислуваше дали повозрасните ја заслужиле таа почит. Уредно им отстапувавме место во јавниот превоз. На забелешките од непознатите возрасни реагиравме мирно и воспитано, а дури во тинејџерските години дознававме дека можеме и да ги критикуваме наставниците, ако даваа повод за тоа. Иако тоа не беше општоприфатена норма.

Денес: Се разбира, ние им зборуваме на децата дека треба да ги почитуваат повозрасните, сметајќи дека тоа сме ние и нашите најблиски роднини. Истовремено, сметаме дека е неразумно да бараме од нив да ги почитуваат сите возрасни, и дека треба да ги научиме децата да разликуваат кој е вреден за почит, а кој не. Пред нив ги озборуваме соседите, свекрвите, родителите на нивните школски другарчиња, а со посебна сласт – и нивните наставници.

2.    Слобода

Кога бевме мали:
Рано се осамостојувавме. Од гледиште на нашите родители, растевме природно: до првата година се „ослободувавме“ од пелените, до втората престанувавме да се возиме во детска количка, до третата – мама не нè водеше веќе за рака. На пет години целосно можевме да останеме сами дома извесно време, а веќе од седмата година се стекнувавме со право да добиеме клуч од дома, врзан за врвка што ја носевме околу врат. Околу десеттата година веќе сами си го планиравме слободното време: организиравме возење велосипеди по неколку километри или одевме на риболов со другарите. Честопати тоа беа ризични потфати, но ние го знаевме вкусот на слободата, креативно размислувавме и само претпоставувавме како може да изгледа досадувањето.

Денес: Речиси на ниту еден родител не му паѓа на памет да остави петгодишното дете само дома, а ако помисли на тоа, веднаш добива страшни помисли што сè може да се случи притоа. Повеќето ги носат своите деца на школо до дванаесетгодишна возраст, преземајќи ја врз себе и одговорноста за изработка на домашните задачи, но и тешките ранци на својот грб. Настојуваме сè да држиме под контрола, затоа нашите деца ретко некаде одат сами. Тие често се жалат дека им е досадно, но тоа не нè загрижува бидејќи сметаме дека тоа се должи на тоа што им се испразнила батеријата на мобилниот телефон...

3.    Животно искуство

Кога бевме мали: Се запознававме со животот „на допир“. Заработувавме „ластик“ по глава, но стекнувавме вистинско животно искуство – социјално, емотивно, креативно – со еден збор, стекнувавме секојдневно животно искуство. Понекогаш со тупаници се обидувавме да се избориме за своето „место под сонцето“, а зацрвенетото око кај детето, возрасните го сметаа за нормален дел од растењето. И сите добиени повреди, физички и ментални, ги сметавме за вреден дел од нашето искуство, што нè правеа посилни.

Денес: И со така богато лично животно искуство, ние сметаме дека знаеме што е најдобро за нашите деца. Сме чуле за психотраумите од детството, па настојуваме да ги заштитиме своите деца од непријатните доживувања, ситните грешки и „големите“ неуспеси. Секогаш сме покрај нив, постојано да ги насочуваме, поттикнуваме, сè би направиле за нив. И ако попатно нашето дете добие „ластик“ по глава, тоа нема лесно да го надминеме – следува родителска средба и состанок на училишниот одбор!

4.    Доверба

Кога бевме мали: Довербата беше основен поим во однос на луѓето, и тоа не само најблиските. Пред сè, државата им веруваше на родителите дека ги сакаат своите деца и дека им го посакуваат најдоброто. Од своја страна, родителите им веруваа на лекарите и на наставниците, и се разбира – имаа доверба во нас. А ние се плашевме да не ја „прокоцкаме“ таа доверба. И верувавме дека пријателствата се градат врз доверба. И без оглед што и тогаш нè предупредуваа да не разговараме со непознати, сознанието дека постојат и лоши луѓе не можеше да ја наруши хармонијата што постоеше во нашите детски глави – дека добрите се мнозинство!

Денес: „Што е тоа доверба?“ – нè прашуваат децата кога ќе здогледаат билборди на таа тема. И така се потсетуваме дека сме заборавиле да им зборуваме на таа тема од животот. Денес живееме во поинакви околности и мораме да признаеме дека довербата исчезнува од светот на меѓучовечките односи. А ние не се спротивставуваме на тоа. Ги учиме децата лошо да мислат за другите луѓе, кога туѓите однесувања ги толкуваме во рамките на нашите фантазии. Често во нашите разговори нагласуваме дека да се има доверба е исто што и да се биде глупав. Сметаме дека сомничавоста и скептицизмот ќе им помогнат на нашите деца да „опстанат“, „да се пробијат“, да постигнат успех, а не помислуваме дека со тоа во нив сееме загриженост, по што ќе жнееме цинизам и рамнодушност како одбранбени механизми.

5.    Несебичност

Кога бевме мали: „Орлите рано летаат“, „Децата од Павловата улица“, „Магарешки години“, „Малиот принц“ – беа книгите од нашето детство кои зборуваа за многу јунаци, за несебичноста и благородноста, формирајќи го на тој начин нашиот внатрешен свет како неодвоив дел од системот на вредности што во нас ги всадуваа родителите и школото. Од најрана возраст знаевме дека да се прави „добро“ не е лесно, но дека треба да се потрудиме. Подоцна сфаќавме дека способноста за несебични постапки и самопочит се нераскинливо поврзани меѓу себе. Сакавме да станеме космонаути, лекари или наставници, едноставно затоа што искрено сакавме да бидеме корисни за другите. Верувавме во доброто.

Денес: На секој чекор повторуваме дека парите владеат со светот. Од првите години од животот го навикнуваме детето на конкуренција, загрижени дали кај него ќе се развие „здрав егоизам“. Правиме сè за нашите деца да ја разберат вредноста на парите: материјално ја наградуваме секоја добра оценка, извршување на некоја работа во домот и се разбира – пристојното однесување! Што се однесува до несебичноста, дури и нам веќе ни се чини дека тоа е одлика на слабите и дека од таа особина нема никаква „корист“ во животот.

Одамна, пред повеќе од две илјади години, староримскиот историчар и филозоф Гај Салустиј  Крисп рекол: „Користољубието ги оневозможува најпочитуваните чувства: љубовта кон татковината, љубовта кон семејството, љубовта кон доблестите и чистотата“. Дали светот толку се изменил што зборовите кои со векови значеле нешто сега ја изгубиле целата сила? Дали мудрецот погрешил? Тоа ќе го дознаеме по неколку децении, само треба да почекаме – завршува Кузнецова.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот