Ако наставниците сакаат да имаат висок статус, треба да работат во Кина, Малезија или во Тајван бидејќи меѓународното истражување покажува дека тоа се земјите каде што наставниците имаат највисока јавна почит.
Но, нивните колеги во Бразил, Израел и во Италија се на другиот крај на „Индексот на статусот на наставниците“, создаден врз основа на истражувањата од Националниот институт за економски и социјални истражувања и фондацијата „Варкеј“.
Кина се наоѓа на врвот - 81 отсто веруваат дека учениците ги почитуваат нивните наставници, во споредба со меѓународниот просек од 36 отсто, во анкета спроведена на 35.000 луѓе.
Во Европа и во Јужна Америка постојат генерално повисоки нивоа на песимизам за почитта на учениците кон наставниците.
Оваа култура на почит се чини дека е особено силна во Азија, вклучувајќи ги и Јужна Кореја и Сингапур. Учениците во овие земји исто така имаат одлични резултати на меѓународните тестови.
Друг начин за тоа што мислат луѓето за професијата наставник е да се прашаат дали тоа е кариера што би сакале да ја имаат нивните деца.
Во Кина, Индија и во Гана голем број семејства би ги охрабриле своите деца да станат наставници. Но во Русија, Израел и во Јапонија родителите не би ги советувале своите деца да учат за наставници.
Исто така, истражувањето ги праша испитаниците за работниот живот на наставниците. Во повеќето испитувани земји јавноста ги потценила работните часови на наставниците - било да е тоа Нов Зеланд, земја во која се најдолги работните часови на наставниците, до Панама или Египет, каде што работните часови на наставниците се најкратки.
Исклучок се два
образовни системи - Финска и Канада, каде што јавноста смета дека наставниците работат повеќе часа.
Топ-10 земји во кои е највисок статусот на наставниците:
Кина
Малезија
Тајван
Русија
Индонезија
Јужна Кореја
Турција
Индија
Нов Зеланд
Сингапур