X
 10.06.2020 Економија

Македонија 41. во светот според индексот на економски слободи, 8 места подолу од лани

Македонија се наоѓа на 41. место во светот според индексот на економски слободи за 2020 година што го изработува фондацијата „Херитиџ“, осум места подолу во споредба со минатата година. Споредено со европските земји, Македонија се наоѓа на 23. место.


Падот најмногу се должи на помалата оцена во судската ефикасност, стои во извештајот. Со тоа, земјата сега се наоѓа во категоријата на умерено слободни економии по три години во категоријата на претежно слободни економии.


Фото: Pixabay

Во извештајот се споменува дека и покрај подобрувањата во катастарскиот систем, сè уште постојат проблеми со ограничената судска независност, политизацијата на судското тело за надзор и нееднаквото финансирање на судството. Корупцијата останува сериозен проблем, а за властите се пишува дека прават коруптивни дела без да бидат казнети.

Кога станува збор за пазарот на труд, има недостиг на вештини и неусогласеност на вештини, што негативно влијаат врз економијата. Во поглед на инвестициите, и покрај реформите, постои бирократија која го забавува динамичкиот пораст на нови инвестиции, пишува во извештајот.


Фото: Сингапур/Pixabay

На листата, Бугарија е единствената земја од регионот која е подобро рангирана од Македонија и се наоѓа на 36. место. Словенија се наоѓа на 52. место, Косово на 53. место, Албанија на 57. место, a Србија на 65. место. Босна и Херцеговина се наоѓа на 82. место, Хрватска на 84. место, Црна Гора на 91. место, а Грција на 100. место.

Земји со најголеми економски слободи се Сингапур, Хонгконг, Нов Зеланд, Австралија, Швајцарија, Ирска, Велика Британија, Данска, Канада и Естонија. Најлоши се Источен Тимор, Туркменистан, Алжир, Сиера Леоне и Екваторска Гвинеја.

Извор: heritage.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија