Овогодишните наши претставници на 54. Меѓународна олимпијада по физика, која од 21 до 29 јули се одржува во Исфахан, Иран, го забележаа најголемиот успех од почетокот на учеството на учениците од Македонија на оваа олимпијада во 1996 година, освојувајќи сребрен медал, два бронзени медали и една награда за успешно учество (пофалница), информираат од Друштвото на физичарите на Република Македонија.
- Јан Стојановски, ученик во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје, прв пат на Македонија ѝ донесе сребрен медал од оваа олимпијада, само 7 дена по освојувањето на златниот медал на 8. Европска олимпијада по физика. Бронзени медали освоија: Емилија Николовска, ученичка во четврта година во Математичко-информатичка гимназија - Скопје, Андреј Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје. Награда за успешно учество освои Матеа Митревска, ученичка во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје. Своето знаење на оваа олимпијада го покажа и Дамјан Стојанов, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје.
Водачи на тимот беа: проф. д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на ПМФ во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија, и Војо Митревски, апсолвент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје и поранешен олимпиец – се вели во објавата на Друштвото на „Фејсбук“.
Оттаму додаваат дека на 54. Меѓународна олимпијада по физика учествувале 197 ученици од 46 држави од светот. Македонските олимпијци се подготвувале 4 недели, во периодот јуни-јули 2024 година, на Институтот за физика при Природно - математичкиот факултет во Скопје.
- ДФРМ им се заблагодарува на водачите на тимот за одвоеното време, како во текот на подготовките така и за време на одржувањето на Олимпијадата, како и на проф. д-р Ирина Петреска, асс. м-р Христијан Кочанковски, дипл. инж. Гоце Геговски, проф. д-р Трифче Сандев и проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така подарија огромен дел од своето слободно време за успешна подготовка на тимот. ДФРМ им се заблагодарува на Институтот за физика и на Природно-математичкиот факултет за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето простор и опрема за време на подготовките на тимот - истакнуваат од Друштвото.
Воедно им се заблагодаруваат и на родителите на учениците, кои го презеле најголемиот дел од финансискиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада.
- Цврсто веруваме дека успесите од оваа олимпијада, како и успесите кои оваа година нашите таленти ги имаа на 8. Европската олимпијада по физика и 6. Балканска олимпијада по физика, се успеси со кои Македонија треба да се гордее. На сите наши олимпијци им посакуваме уште многу академски достигнувања и успеси насекаде по светот! Радувај се, Македонијо! – порачуваат од Друштвото.
Извор: Друштво на физичарите на Република Македонија/Facebook
Фото: Facebook