X
 23.01.2018 Живот

„Не пумпајте им го егото на децата!“


Девојче дава знак да се молчи
(Фото: Pixabay)


Денешните деца се најсовршените битија што досега се појавиле на Земјата. Прави гении, најубави, најпаметни, највешти, опасни, знаат сè, родени со мобилен телефон в рака, ги менуваат каналите на телевизорот пред да наполнат една година, зборуваат англиски од втората, прекрасно пеат, цртаат и брилијантни се во математика... Кој од кој подобар, а најдобри се оние што се долго посакувани и очекувани.

Докторката Ети Бизен, познат француски детски психијатар, смета дека децата треба да растат нормално, без претстава за сопствената „величина“ и супериорност затоа што тие, за жал, главно постојат само во нивните глави. Особено е лошо, додава таа, кога врз основа на нереални претстави се формираат нереални очекувања, кои и на детето и на возрасните од неговата околина можат да им причинат многу страдања.

„Ако во куќата немате уште еден шестгодишник кој тренира фудбал, немојте својот син или внук да го убедувате дека е идниот Меси и дека само што не добил Златна топка, затоа што можеби уште првиот натпревар ќе го помине на клупата за резервни играчи. Што мислите, како ќе се чувствува? Ќе му порасне ли самодовербата од тоа? Дали повеќе ќе му верува на тренерот кој ќе му каже дека има и подобри од него или вам, кои сметате дека е најдобриот голгетер во светот,“ наведува Бизен.

Ако го прекорувате или се исмевате со него, ќе му ја уништите самодовербата. Детето има потреба од вистина и поддршка, а не од критики и нереални пофалби. Објаснете му дека сите ние понекогаш победуваме, понекогаш губиме, некогаш сме најдобри, некогаш просечни.

„Истото правило важи и за градинката, училиштето, за сите места и сите односи со врсниците, затоа што е извесно дека вашето дете или внуче не е најдобро и најсовршено во сè. Впрочем, дали навистина сакате вашата четиригодишна ќерка да оди низ животот со ставот ’јас сум најубавата‘ или вашиот седумгодишен син, само затоа што знаел да смета до 20 уште пред да тргне на училиште, да тврди дека е најдобриот математичар во одделението,“ прашува таа.

Бизен нагласува дека таквите самољубиви деца со нереална претстава за себе често имаат проблеми со врсниците, особено кога ќе налетаат на некој со слични ставови, а бидејќи такви има сè повеќе, постојат реални шанси да се случи тоа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот