X
 23.01.2018 Живот

Зошто најмоќните луѓе на светот се собираат во Давос?

davos
Фото: RUBEN SPRICH

Некои од најбогатите и најмоќни луѓе на светот ќе учествуват на Светскиот економски форум кој денес започнува во Давос. Но, која е целта на овој форум и што ќе се случува таму?

Сè зпочнало во 1971 година како мала конференција посветена на управувањето. Основачот Клаус Шваб имал скромна цел – да ги запознае европските компании со американските техники на управување. Од таа почетна точка, Давос прерасна во годишно собирање на кое учествуваат околу три илјади елитни претставници од светот на бизнисот, финансиите, политиката и јавните работи. Мисијата на самиот Светски економски форум (WEF) е – „унапредување на состојбите во светот“.

WEF се одржува во конференцискиот центар во срцето на Давос, мало скијачко одморалиште, каде делегатите слушаат говори, панел-дискусии и учествуваат на семинари. Освен тоа, во луксузните хотели во опкружувањето се случуваат и неофицијални и неформални средби меѓу припадниците на елитите, проследени од лобисти, експерти за односи со јавност и новинари.

Во Давос доаѓаат и најмоќните политичари на светот. Оваа година домаќини меѓу останатите се и францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, британската премиерка Тереза Меј, канадскиот премиер Џастин Тридо, израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху и многу други.

Американските претседатели традиционално не учествуваат на овој настан, но оваа година Доналд Трамп ги изненади сите со својата одлука да се приклучи на собирот. Исто така, во Давос ќе се појават и Марк Бениоф од Salesforce, Карлос Госн од Renault-Nissan-Mitsubishi Alliance и Сер Мартин Сорел од WPP. Токму овие делегати од светот на бизнисот најмногу плаќаат за самата конференција, затоа што годишното корпоративно членство чини меѓу 60.000 и 600.000 швајцарски франци.

Освен нив, на WEF учествуваат и претставници на Меѓународниот монетарен фонд и Обединетите нации, како и претседателите на националните банки.

Во Давос доаѓаат и челниците на добротворни и невладини организации, трговски унии, угледни научници... Секоја година на конференцијата се појавуваат и претставници од светот на богатите и славните, за да додадат и малку гламур за пошироките маси. Оваа година во Давос доаѓа и актерката Кејт Бланшет како и музичарот Елтон Џон.

На собирот ќе се расправа на теми како нееднаквоста, сиромаштијата, иновациите, технолошките промени, заштитата на околината и корпоративната општествена одговорност. Официјална главна тема на годинешниот собир е „Создавање заедничка иднина во поделениот свет“. Сепак, реалноста е таква што бројни светски челници не доаѓаат во Давос да разговараат за интеграција или заедништво, туку затоа што ова е совршена прилика за networking, чиј главен дел се случува во приватните соби за состаноци како и на забавите што се организираат во луксузните хотели.

Освен тоа, владее и општа фама дека појавувањето во Давос е потврда за личниот статус, пишува „Индипендент“.

Бројни политичари доаѓаат токму заради тоа, но и затоа што ова е и можност за обезбедување на инвестиции од големите играчи од приватниот сектор. Геополитичките цели исто така се едни од стожерните на средбата во Давос, за што сведочи и настанот од 1998 година, кога Грција и Турција ја потпишаа Декларацијата од Давос, која овозможи избегнување на војна меѓу овие две земји.

И додека за некои WEF во Давос е прилика да се укаже на бројните социјални, економски и политички проблеми во светот, за неговите критичари, како што е поранешниот стратег на Трамп -  Стив Бенон, Давос претставува место каде светската елита кова заговор против најсиромашните слоеви од општеството.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот