X
 15.01.2024 Живот

Занимливости за Давос: Кој плаќа влезница од 23.000 евра, а кој половина милион?

Деновиве сите очи се насочени кон едно мало швајцарско село - Давос, место каде што живеат 11.000 жители и кое во последните 50 години секој јануари ја собира економската и политичката елита - светските лидери, главните луѓе на најважните глобални компании, јавните личности итн.

Иако е познато како одморалиште на Алпите и модерен ски-центар, во јануари во Давос се одржува Светскиот економски форум.

Иако собирот сите го нарекуваат Давос, овој јануарски состанок се вика Светски економски форум (СЕФ). Давос е само името на швајцарското одморалиште каде што се одржува самитот.

Во минатото имаше ситуации кога многумина се обидоа да го искористат името Давос за своите настани. На пример, инвестициската конференција во Саудиска Арабија во 2018 година беше наречена „Давос во пустината“. Тогаш Светскиот економски форум возврати и рече дека ќе ги искористи сите средства за да го заштити брендот Давос од нелегална употреба.

СЕФ има свој јазик

Комплицираниот корпоративен жаргон е белег на овој самит. Она што го кажуваат учесниците може да биде мистично дури и за искусен набљудувач на самитот. Дури и темата на секоја конференција честопати е неразбирлива.

Безбедност

Безбедноста е на многу високо ниво. На секој чекор се поставени снајперисти. Проверката е слична на онаа на аеродромите. Кога ќе влезете во конференцискиот центар, треба да го соблечете палтото, да ги скенирате лаптопот и чантата, а потоа повторно да го облечете палтото.

Нема млада публика

На состаноците во Давос не присуствува млада публика. Просечната возраст кај мажите е 54 години, а кај жените 49 години. Но, има и исклучоци. Оваа година има неколку млади активисти, меѓу кои и познатата Грета Тунберг.

davos
Фото: Wikipedia

Секој сака бесплатна капа


Иако тука се собираат најмоќните луѓе на планетата, кои тежат милиони долари, сите сакаат да ја добијат бесплатната сина капа. Секоја година за учесниците се обезбедуваат сини плетени капи, така што тие станаа своевиден заштитен знак на форумот во Давос.

Состаноците можат да доведат до акција

Оваа манифестација се одржува од 1971 година, а била замислена како место каде што ќе се дискутира за глобалните практики на управување. Основач на форумот е Клаус Шваб.

Денес, Светскиот економски форум има поширок опсег на активности, но критичарите тврдат дека тоа е само место каде што се зборува многу. Но, изолираното опкружување на Давос им нуди на политичарите шанса да се сретнат далеку од очите на јавноста.

Во 1989 година Северна и Јужна Кореја ги одржаа своите први состаноци на министерско ниво. Минатата година грчкиот и македонскиот премиер се сретнаа за да стават крај на 27-годишниот спор за името Македонија.

Само компаниите плаќаат

Единствените учесници во Давос што плаќаат за присуство се компаниите, додека другите учесници добиваат покана и со тоа нивното присуство е бесплатно. Надоместокот за компаниите е 23.800 евра по лице. Но, тоа не е сѐ.

Оние што доаѓаат на форумот мора да бидат членови на Светскиот економски форум. Постојат неколку нивоа на членство, почнувајќи од 60.000 швајцарски франци до огромни 600.000 франци за да имате статус на „стратешки партнер“.

Пропусниците за конференција се означени со боја

Подобрувањето на нееднаквоста отсекогаш било важна точка за разговор во Давос, но Светскиот економски форум има свој систем за нееднаквост кодиран во боја.

Можеби сте на истото место со британскиот принц Вилијам или премиерот на Нов Зеланд, но тешко дека ќе налетате на некој од нив во тоалетот.

Гостите од висок профил добиваат беџ со бел холограм кој им овозможува пристап насекаде, вклучително и специјални состаноци. Постојат различни значки за сопружници и новинари кои нудат различни нивоа на пристап.

Најниското ниво е „значка на хотелот“, што значи дека не можете да влезете во конференцискиот центар, но е од суштинско значење ако сакате да присуствувате на забави или да одите на скијање.

Машки самит

Најголем дел од учесниците се мажи, па го добиле името „Давос мажи“. Тие се главно богати и моќни луѓе кои немаат контакт со реалниот свет.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот