Братот и сестрата Велимир и Сара Ристиќ, гимназијалци од Рогатица, се нашле на билборд во градот откако претходно биле симнати портретите на актуелниот градоначалник Милорад Јагодиќ и на претседателот на СНСД, Милорад Додик.
Политичарите биле заменети со сликите од Велимир и Сара, кои на училишниот натпревар по физика и историја покажаа одлични резултати.
- Не можевме ни да сонуваме со брат ми дека ќе се најдеме на билборд во центарот на Рогатица, град низ кој поминува главниот пат Сараево-Ужице. Немам доволно зборови за да ја искажам благодарноста до градоначалникот Милорад Јагодиќ за овој гест. Исто така, голема благодарност изразувам и до професорот Слободан Перковиќ - вели Сара Ристиќ, ученичка во втора година во гимназија.
Сара ги победи нејзините врсници на регионален натпревар по историја. Нејзиниот брат, Велимир, само што заврши гимназија, тренира кошарка, свири на гитара, игра фудбал, пишува песни, а физиката ја има во „малото прсте“.
- За тоа најголеми заслуги имаат двајцата браќа, Срѓан и Александар Вуковиќ, и двајца професори по физика, кои во мене го препознаа талентот за овој предмет, па преку општински и регионални натпревари стигнав и до Олимпијада на БиХ, каде што покажав добро знаење. Почестен сум, но не и вообразен што мојата слика се наоѓа на билборд. Благодарен сум му на раководството на општината, кое на овој начин ме поддржа, како и мојата сестра Сара, а се надевам дека на овој начин ќе истакнуваат и други талентирани деца во иднина. Никакви медали и пехари не можат да се споредат со овој билборд. Ќе бидам уште посреќен ако продолжам со школувањето на Електротехничкиот факултет во Белград - вели Велимир.
Со овој билборд раководството на
општината направи пресврт во вреднувањето на талентираните деца од својата средина.