X
 25.01.2018 Живот

Првиот човек на Индија зборува за најголемите предизвици на човештвото

davos
Фото: Reuters

Климатските промени, тероризмот и реакцијата на глобализацијата се трите најголеми предизвици со кои се соочува цивилизацијата денес, рече индискиот премиер Нарендра Моди на Светскиот економски форум во Давос.

Моди, премиер на земјата со најголем раст од сите поголеми светски економии, одржа говор за опасностите од технологијата, но и за можностите што таа ги дава, за индискиот план за борба против нееднаквоста на приходите, создавање работни места, како и намалување на индиската бирократија кога станува збор за меѓународната трговија и инвестиции.

„Во светот полн со поделби, треба да изградиме заедничка иднина“, вели Моди.

„Предизвиците што се пред нас се многубројни и застрашувачки“, изјави тој пред да премине на трите главни предизвици за кои верува дека претставуваат најголема закана за опстанокот на човечката цивилизација.

Климатски промени

„Глечерите се намалуваат, ледените покривки на Арктикот се топат, многу острови тонат... Се соочивме со поплави и суши, на удар сме на екстремните климатски услови. Земјите не работеа заедно, не ги исполнија своите обврски кон животната средина“, вели тој.

„Сите зборуваат за намалување на емисиите на јаглерод, но многу малку луѓе и земји им помагаат на земјите во развој да усвојат соодветни технологии“, додава тој.

„За да ја спасиме животната средина и да се бориме против климатските промени, мојата влада испланира голема кампања и си постави доста тешка цел“, вели тој. „До 2022 година во Индија сакаме да произведеме 175 гигавати обновлива енергија. Ова е огромна цел за земја како Индија“.

Во последните три години Индија постигна производство од околу 60 гигавати, што изнесува околу третина од целата бројка.

Тероризам


Друга голема закана за човештвото е тероризмот.

„Тероризмот е опасен, но еднакво се опасни и вештачките поделби на добри и лоши терористи“, вели тој.

Радикализацијата на младите луѓе е особено загрижувачка за индискиот премиер.

„Аспектот на кој сакам да ви го привлечам вниманието е тоа што образованите, богати млади луѓе се радикализираат. Се надевам дека на овој форум ќе разговараме за решенија за празнините создадени од тероризмот и насилството“, изјави тој.

Глобализација


Моди зборуваше и за отфрлање на принципите на глобализација во некои земји и делови од светот.

„Многу општества и држави стануваат сè пофокусирани на самите себе“, вели тој. „Очигледно е дека она што се случува е спротивно од глобализацијата. Негативното влијание на ваквото размислување и погрешно поставените приоритети не може да се сметаат за помалку опасни од климатските промени или тероризмот“.

„Секој зборува за поврзан свет, но мора да го прифатиме фактот дека глобализацијата се забавува и го губи својот сјај. Решението за оваа загрижувачка ситуација не е изолација. Решението лежи во разбирањето и прифаќањето на промените“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот