Иницирање регионална соработка, воспоставување поголема академска мобилност и зголемување на областите за кооперација и размена се меѓу договорените иницијативи што УКЛО ќе ги унапредува во наредниот период со универзитетите во Белград и во Загреб. Ова се дел од дефинираните домени за поврзување на УКЛО со двата најзначајни универзитети во поширокиот регион, договорени на работните посети што проректорот за студентски работи и институционален Еразмус+ координатор, проф. д-р Марјан Ѓуровски, ги реализира со негови колеги од универзитетите во Белград и во Загреб.
На почетокот од декември проректорот на УКЛО на средбата во Белград со проректорот за меѓународна соработка на Белградскиот универзитет, проф. д-р Ненад Зрниќ, договори на почетокот од 2020 година да дојде до обновување на Меморандумот за заедничка соработка меѓу двата универзитета преку потпишување нов договор за соработка меѓу двајцата ректори. Акцент беше ставен на можноста за воспоставување поголема академска мобилност и размена на студенти и професори преку програмата Еразмус + во 2020 година.
Меѓу другото, се разговараше за поттикнување на регионални иницијативи од областа на високото образование со искористување на фондовите на Европската Унија кои се на располагање. Покрај тоа ќе се поттикнат единиците на двата универзитети да склучат поединечни договори за Еразмус + соработка со цел да се зголеми бројот на студентски размени, како и воспоставување поширока регионална мрежа на соработка. На средбата на проректорите на Белградскиот универзитет и УКЛО се споделија искуствата во исполнувањето стандарди за високо рангираните универзитети во светот каде што меѓу првите 500 универзитети на Шангајската листа се наоѓа државниот Универзитет од Белград.
На работната посета на Универзитетот во Загреб, во периодот од 06.12.2019 година до 09.12.2019 година, проректорот за студентски работи и институционален Еразмус + координатор проф. д-р Марјан Ѓуровски оствари средба со проректорот за студенти, студии и управување со квалитет, проф. д-р Ивана Чуковиќ-Багиќ, и д-р Бранка Рошиќ, раководител на Секторот за меѓународна соработка. Во директните разговори беа споделени искуствата околу успешниот модел на поддршка на студентски проекти од страна на загрепскиот Универзитет со поттикнување претприемачки дух кај студентите. Воедно, беше договорено дефинирање на најмалку три научни дисциплини во кои двата универзитета ќе ја интензивираат академската мобилност на професори и студенти според Еразмус + програмата, меѓу другото, ќе се воспостави билатерална размена и воспоставување на принципот на визитинг-професори на факултетите на загрепскиот и битолскиот универзитет.
Покрај тоа, ќе се реализира тренинг-посета во Загреб за подигнување на капацитетите за дел од секторот за меѓународна соработка на УКЛО. На крајот беше потврдено дека ќе се овозможат директни контакти меѓу студентските организации на двата универзитета со цел да се зголеми можноста за заемна соработка и дружење меѓу студенти во функција на споделување на искуствата и знаењата за време на студирањето. Во Загреб проректорот Ѓуровски имаше средби и со деканот на Високата полициска школа, д-р Крунослав Боровец, кој искажа интерес за потпишување на Еразмус + договор со Факултетот за безбедност-Скопје.
Во иднина студенти од Факултетот за безбедност ќе може да реализираат практична настава и вежби и на Универзитетот за применети науки „Велика Горица“ од областа на управувањето со кризи, беше договорено на средбата на проректорот Ѓуровски со деканот на Универзитетот, проф. д-р Иван Тотх. Посетата беше заокружена со размена на многубројни информации и иницијативи на средба со проф. д-р Горан Бандов, раководител на Универзитетскиот центар за меѓународни односи и одржлив развој на Универзитетот во Загреб.