Изгледаат како да излегле од научнофантастичен филм, но во реалноста овие огромни кули што се гледаат над хоризонтот на Делхи, Индија, служат за добра цел.
„Проектот смог“ дизајниран од архитектонската компанија „Знера спејс“ од Дубаи е амбициозен предлог за чистење на воздухот во еден од најзагадените градови во светот.
Делхи се наоѓа на врвот кога станува збор за загаденоста на воздухот. Во еден период во 2017 година квалитетот на воздухот бил толку лош, што дишењето било еквивалентно на пушење 44 цигари дневно. Податоците од Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека индиските градови доминираат во топ-20 најзагадени градови на глобално ниво во однос на нивоата на честичките PM2,5.
Фото: Znera Space & R-Code
На глобално ниво, здравствените импликации од загадувањето на воздухот се прилично длабоки. Загадувањето на воздухот предизвикало околу 4,2 милиони смртни случаи во 2016 година и е поврзано со 3,2 милиони нови случаи на дијабетес на годишно ниво, а може да ги наруши и когнитивните способности, покажуваат неодамнешните истражувања.
Проектот е избран за најдобар на Светскиот архитектонски фестивал 2018 година во категоријата „Експериментален иден проект“ за предлози што го предизвикуваат конвенционалното размислување.
Ограничувањето на прагот што предизвикува смог - палење на биомаси, емисии во индустријата и транспортот, меѓу другото, е бавен процес што може да потрае со генерации. Со понатамошниот економски раст доаѓа и зголемување на бројот на автомобили во Индија за 775 отсто до 2040 година, вели извештајот на Меѓународната агенција за енергија за 2016 година.
Проектот опфаќа широк спектар на парчиња филтри за воздух високи 99 метри и ќе произведува повеќе од 353 милиони кубни метри чист воздух дневно, со површина од 100 хектари, велат неговите дизајнери. Воздухот ќе поминува низ пет фази на филтрација.
Фото: Znera Space & R-Code
Кулите ќе бидат напојувани од сончеви водородни клетки поставени во хексагонална мрежа на „небесни мостови“ помеѓу единиците - дело на британскиот архитект сер Едвин Лутиенс, кој ги изготвил плановите за урбанистички мрежи за областа на Њу Делхи на почетокот на 20 век. Намерата е моќта на мрежата да се направи самоодржлива.
Освен обезбедување чист воздух, остатоците од заробени јаглеродни честички би можеле да се користат за графен, бетон, ѓубрива, мастило и вода.
Фото: Znera Space & R-Code
Дизајнерите го опишуваат проектот како остварлив концепт и велат дека прототип од 15 до 20 метри е на напредно концептуално ниво. Меѓутоа, потребни се финансиски средства за развој. Дизајнерот на кулите вели дека ќе бара финансии од Обединетите Арапски Емирати, а забележува и дека во последниве години Дубаи се соочил со тешка прашина и песочни бури, така што и овој град би имал корист од технологијата.