X
 25.01.2018 Живот

Зошто тешко се стекнуваат пријатели по 30-тата година?


Девојки се смеат
(Фото: Pixabay)


Во нашите триесетти и четириесетти години многу нови луѓе ни влегуваат во животот: преку работата, социјалните мрежи, па и преку нашите деца. Сепак, малкумина од нив ќе ни станат блиски. Зошто е така?

Психологот Лаура Карстенсен од Центарот за проучување на долговечноста на Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија наведува дека при своите истражувања забележала дека луѓето со текот на времето стапуваат во интеракција со сè помал број луѓе, но и дека стануваат поблиски со пријателите што ги стекнале претходно.

Тоа се случува затоа што кај нас постои некаков вид внатрешен аларм кој се вклучува при важни случувања, како, на пример, прославата на триесеттиот роденден. „Алармот“ претставува некаков вид потсетник дека нашиот временски хоризонт се скратува и дека би требало помалку да истражуваме, а повеќе да се посветиме на работите што се присутни „сега и овде“.

„Човекот почнува да го насочува вниманието на она што емоционално му е најважно, така што забавите и излегувањата веќе нема да ве фасцинираат. Она што ќе ве интересира ќе биде времето поминато со вашите деца“, истакнува таа.

„Како што се менуваат околностите во нашето опкружување, така ќе биде сè потешко да се исполнат трите услови кои социолозите уште од педесеттите години ги сметаат за клучни за создавање цврсти пријателства: блискоста, редовните непланирани интеракции и опкружување кое ќе ни дозволи да го спуштиме „штитот“, дозволувајќи заемно доверување“, истакнува Ребека Адамс, професор по социологија и геронтологија на Универзитетот „Северна Каролина“ во Гринсбороу.

Меѓутоа, надворешните фактори не се единствената препрека при склучување пријателства по триесеттите. Во тој период од животот исто така се менува и начинот на кој гледаме на пријателството. Различните сознанија за себе и за светот доведуваат до тоа да станеме попребирливи кога станува збор за луѓето со кои ќе го поминуваме времето.

Со оглед на тоа дека нашиот распоред станува сè понатрупан, обврските се зголемуваат, а слободно време има сè помалку, најчесто ја раскинуваме врската со многу луѓе со кои дотогаш не сме биле во најсовршен однос, но порано сме го толерирале тоа.

Ако порано пријателите сте ги сметале како браќа и сестри, сега сфаќате дека такво нешто е многу тешко да се оствари, полека почнувате да ги спуштате критериумите. Тоа не мора да значи дека сте ги промениле своите стандарди кога е во прашање она што го сметате за пријателство, туку само дека терминот „пријател“ станал пофлексибилен.

Токму затоа одредени луѓе едноставно одвреме-навреме ги намалуваат своите очекувања.

„Барам луѓе што ми се слични, кои ми помагаат да исполнам некои свои основни потреби“, вели Лиза Делијантони од Чикаго, која се занимава со собирање средства за финансирање едукативни програми.

„Имам пријатели со кои излегувам да се забавувам, пријатели со кои дискутирам за книги, пријатели со кои играм кошарка, пријатели чии деца се дружат со моите, пријатели кои ми се соседи... многу е полесно да се пополнат празнините во животот на тој начин отколку да се бара еден нов близок пријател со кој ќе можеме да ги правиме сите тие работи“, заклучува Делијантони.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот