X
 28.05.2023 Живот

Зошто е потешко да создадеме пријателства кога сме возрасни?

Пријателствата се вреден дел од животот, но доколку имате тешкотии да најдете најдобар пријател, не сте сами. Според анкета спроведена во САД, 40 отсто од жителите немаат најдобар пријател. Бројот на лица со најдобар пријател се намалил од 75 отсто во 1990 година на 59 отсто во 2021 година.

Освен тоа, анкетата покажала дека 12 отсто од луѓето немаат ниту блиски пријатели. Фредерик Смит, психолог кој работи во областа 15 години, објаснува зошто на возрасните им е тешко да најдат пријатели. Според него, има повеќе причини за тоа: обврските, минатите искуства и менталното здравје.

- Како возрасни, имаме многу обврски. Имаме многу одговорности во работата, семејството, децата или образованието. Трошиме многу време на овие работи, па може да немаме доволно време за да излеземе и да создаваме пријателства - вели тој.

Покрај тоа, Смит вели дека минатите искуства на луѓето може да влијаат врз начинот на кој тие им приоѓаат на пријателствата подоцна во животот.


Фото: Pixabay

- Кога се соочуваме со нешто во возрасниот живот кое наликува на нешто трауматично или негативно од минатото, често се изолираме - вели Смит.

Тој додава и дека овие минати искуства играат улога и во начинот на кој се гледаме себеси. Конечно, луѓето со социјална анксиозност имаат тешкотии со комуницирање и запознавање нови луѓе.

- Ако одам на забава и имам социјална анксиозност, што мислите, како тоа ќе влијае врз мојата способност да создадам пријателства? - посочил Смит.

Како да ги задржите пријателствата?

Според Смит, има неколку начини на кои луѓето може да ги задржат пријателствата и покрај пречките, а тоа се: здрави граници, грижа за себе, јасна комуникација и напор да се задржи пријателството. Поставувањето здрави граници може да ги подобри пријателствата бидејќи со нив луѓето учат како да се однесуваат со вас и обратно.

Грижата за себе е уште еден битен дел во задржувањето на пријателствата бидејќи е важно личните причини за стрес да не влијаат негативно на пријателствата. Освен тоа, според Смит, комуникацијата е клучот за успешно пријателство.


Фото: Pixabay

- Не ме интересира колку долго сме пријатели. Нема начин на кој јас можам да ти ги читам мислите. Мора да сме способни да комуницираме за да си кажеме што точно се случува и како се чувствуваме за да направиме промени - вели Смит.

Конечно, Смит посочува дека е важно активно да се учествува во пријателството.

- Двајцата треба да работат за да го задржат. Пријателството не треба да биде еднострано. Доколку ме бараш само кога ти треба нешто или ме бараш само кога поминуваш низ проблеми, а потоа те нема никаде, тогаш тоа е проблем - вели Смит.

Извор: Insider
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот