X
 30.01.2018 Култура

Приказната зад оваа иконска фотографија

фото
Фото: АР

Дел од секундата го промени американското гледиште за Виетнамската војна. На улица во Сајгон, шефот на полицијата од Јужен Виетнам го подигнал својот пиштол, го доближил до главата на врзаниот затвореник на Виетконг и нагло го повлекол чкрапалото.

Неколку метри подалеку фотографот на „Асошиетед прес“, Еди Адамс, го притиснал копчето на својот апарат.

Направена пред околу 50 години, на 1 февруари 1968 година, за време на изненадувачката Тет-офанзива, фотографијата на Адамс совршено ја прикажа бруталноста на војната на начин на кој Американците не ја виделе претходно.

Адамс добил Пулицерова награда за фотографијата и несоница цел што траела затоа што постојано го прогонувала.

„Фотографиите не секогаш ја раскажуваат целата приказна. Не ви кажуваат зошто“, изјавил тој во една пригода.

По 50 години, егзекуцијата на Сајгон останува една од фотографиите што ја дефинираа војната. Списанието „Тајм“ ја прогласи за една од 100-те највлијателни фотографии во историјата.

„Сè уште претставува многу од она што го прават фоторепортерите, идејата дека фотографот сведочи за важен настан. Постојат лоши работи што се случуваат, а што треба да бидат евидентирани и споделени“, вели Кит Гринвуд, професор по историја на фоторепортерството на Универзитетот во Мисури.

Било втор ден од Тет-офанзивата. Северновиетнамските сили и герилците на Виетконг нападнале градови од Јужен Виетнам, вклучувајќи го и главниот град Сајгон, за време на празниците, кога бил прекинат огнот.

Адамс, поранешен корејски воен фотограф од морскиот опус, кој се приклучил на „Асошиетед прес“ во 1962 година, заедно со снимателот на Ен-би-си, Во Су, ја набљудувал борбата во соседството на Сајгон кога видел јужновиетнамски војници како вадат затвореник од зградата. Војниците застанале. Началникот на полицијата, потполковникот Нгуен Нгок Лоан, се исправил и го подигнал пиштолот. Адамс мислел дека полковникот планира испрашување на нишан.

Наместо тоа, Лоан испукал, а фотографијата на Адамс го замрзнала моментот кога затвореникот Баут Лоп се соочил со смртта. И снимките на Су го фатиле моментот во движење.

Лоан им рекол на репортерите: „Убија многу од моите луѓе и многумина од вашиот народ“, и си заминал, се сеќава Адамс во интервју во 1998 година за историски проект на „Асошиетед прес“.

Во седиштето на „Асошиетед прес“ во Њујорк, директорот на фотографијата, Хал Буел, ја видел фотографијата од радио-базиран систем што се користел за пренос на фотографии во тоа време. По кратко размислување, тој и другите уредници одлучиле да му ја прикажат на целиот свет.

„Фотографијата имаше влијание, а тоа влијание се почувствува од луѓето“, вели Хал.

Фотографијата се појавила на насловните страници, телевизиските екрани и протестните плакати. Тет-офанзивата се покажала како воен неуспех за комунистите, меѓутоа, ги поттикнала песимизмот и заморот на американската јавност во врска со војната. Војната завршила кога северот победил во 1975 година.

Адамс смета дека Лоан бил неправедно обвинет од јавноста, која не ја видела целата слика.

„Не велам дека она што го направил беше во ред, меѓутоа, тој се бореше во војна и се соочуваше со прилично лоши луѓе“, вели Адамс.

„Тој ден беа уништени животите на двајца луѓе“, на Лоп и на Лоан. „Не сакам да уништам ничиј живот. Тоа не е моја работа“, вели Адамс.

Лоан починал во 1998 година во Вирџинија, каде што водел ресторан. Вдовицата на Лоп во 2000 година изјавила дека почувствувала како сликата им помогнала на Американците да се свртат против војната.

Адамс, кој починал во 2004 година, бил повеќе горд на неговите фотографии од 1977 година, од луѓето што бегале од повоениот Виетнам. Овие фотографии ја убедиле американската влада да прифати повеќе од 200.000 бегалци.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура