X
 07.02.2018 Наука

Одредени делови од човечкото тело наскоро ќе исчезнат


Исечок од видео - делови од рацете
(Фото: Youtube printscreen)


Некои човечки обележја се остатоци од минатите времиња, а експертите наведуваат седум делови од телото што ќе исчезнат како резултат на еволутивните промени.

Луѓето почнале да консумираат кравјо млеко пред 10.000 години иако не го правеле тоа претходно, а денес сме во просек десет сантиметри повисоки во споредба од пред 150 години. Освен тоа, животниот век на човекот е продолжен за 20 години во последните 65, благодарение на напредокот на науката.

Тоа се само некои од резултатите на еволуцијата, а гледајќи ја целата историја на промени на човечкото тело, научниците предвидуваат како би изгледал животот на Земјата во далечна иднина, а пред сè како би можел да изгледа човекот.

Според нивно мислење, од нашите тела ќе исчезнат овие „вишоци“.

1.    Влакната

Со децении ги кубевме, бричевме, ги горевме со ласер, но се чини дека во иднина ќе нема потреба од такви активности. Имено, од нашето тело би требало да исчезнат сите влакна освен веѓите, кои ја спречуваат потта да навлезе во очите, клепките – кои ги штитат очите, и брадата кај мажите, која влијае како сексуален „адут“ врз партнерките, најавуваат експертите.

2.    Параназалните синуси

Овие простори што се наоѓаат во внатрешноста на коските од черепот и лицето и се исполнети со воздух имаат улога која не им е докрај јасна на научниците, а се претпоставува дека во иднина веќе нема да им задаваат главоболки на луѓето.

3.    Ушните мускули

Надворешните ушни мускули кај животните, како кучињата, мачките и зајаците, овозможуваат независно движење на тие органи. Луѓето сè уште ги имаат, но ретки се оние што можат да ги користат, па затоа се очекува целосно да закржлават и да исчезнат.

4.    Умници

Денес, само пет проценти од популацијата имаат здрави умници, а тие се остаток од времето кога на луѓето им требале повеќе заби за да можеле да ја џвакаат храната до која ќе стигнеле. Денес кај повеќето луѓе воопшто не израснуваат, а некои мора оперативно да ги вадат. Се очекува дека целосно ќе исчезнат во рок од 100 до 200 години.

5.    Вратно ребро

Нормално, луѓето имаат 12 пара ребра, а прекубројното вратно ребро поаѓа од задниот вратен прешлен и може да предизвика болка и други симптоми кои спаѓаат во синдромот на горен торакален отвор кој се јавува кај околу еден процент од популацијата, кај некои на десната, а кај други на левата страна. Наскоро ќе заминат во историјата, велат научниците.

6.    Мускулот паламарис


Тој долг, тесен мускул кој оди од лакотот до рачниот зглоб и се нарекува долг мускул на дланката денес го нема кај околу 11 проценти од популацијата. Научниците велат дека поради неупотреба, со текот на еволуцијата целосно ќе исчезне. Тоа нема да ги направи човечките раце послаби затоа што е еволутивен остаток од нашите предци, кои со помош на тој мускул на подлактницата полесно се искачувале. За да проверите дали го имате тој мускул, едноставно ставете ја раката на маса со дланката свртена кон вас. Потоа, притиснете го палецот на малиот прст така што ќе ја кренете раката од масата, па ако имате таков мускул, истиот ќе се појави на подрачјето околу жилите што одат кон дланката.

7.    Машки брадавици

И мажите и жените имаат брадавици затоа што во раните фази од развојот фетусот е без одреден пол. Но, бидејќи мажите немаат доволно ниво на пролактин за лачење млеко, брадавиците им се непотребни. Научниците тврдат дека тие сигурно ќе исчезнат, но за тоа ќе треба да поминат уште многу векови.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука