X
 09.02.2018 Живот

Одличните родители се препознаваат по овие карактеристики!


Татко и мала ќерка се прегрнуваат и се смеат
(Фото: Pixabay)


Родителите често се прашуваат дали добро ја извршуваат најодговорната работа на светот. Модерните родители пред себе си поставуваат високи стандарди во таа смисла, па лесно влегуваат во замката да се споредуваат со другите и постојано да се преиспитуваат – дали се доволно добри родители? Клиничкиот психолог Наден ван дер Линден низ својата практика издвојува седум знаци што се карактеристика на добрите родители:

1.    Вашето дете искажува силни и различни емоции во ваше присуство

Децата не умеат да го одберат времето и местото кога ќе ги искажуваат своите емоции затоа што мозокот сè уште не им е доволно развиен за да можат да ги контролираат силните емоции. Но, ако пред вас искажуваат гнев, лутење, тага или страв, тоа значи дека до вас се чувствуваат емотивно сигурни. Кога децата се воздржуваат да ги покажат своите емоции пред родителите, тоа имплицира дека во нивниот однос постои сериозен проблем. Избегнувајте да им забранувате на децата да ги покажуваат своите чувства, макар и преку плачење или гнев. Наместо тоа, обратете внимание и покажете им дека се грижите за нивните емоции.

2.    Вашето дете секогаш ви се обраќа кога е повредено или има некаков проблем

Цврст доказ дека родителот навистина добро ја одработува својата улога е кога детето во него гледа вистинско прибежиште каде што секогаш може да најде помош и поддршка кога му е потребно. Добар начин да го охрабрите таквото однесување кај детето е секогаш да го дочекувате со раширени раце и да го сослушате секој негов проблем, без оглед колку ви изгледа безначаен. Така ја оставате отворена вратата да ви се обрати и за сите идни посериозни проблеми.

3.    Вашето дете може да зборува за своите чувства и размислувања без да се плаши од вашата реакција

Ова е знак дека имате отворена, флексибилна комуникација, заснована на меѓусебно разбирање и прифаќање. Многу родители несвесно го „минираат“ добриот однос со своите деца, реагирајќи бурно на некои нивни размислувања или чувства. Погрижете се секогаш да разговарате со децата отворено и искрено за сите теми.

4.    Вашиот одговор на некакво однесување не треба да го етикетира детето

Добрите родители никогаш не користат навреди кога нивните деца не се однесуваат пристојно или очекувано. Кога детето, на пример, би ги изело сите колачи без да ги сподели со другите, добриот родител би рекол: „Самиот ги изеде колачите? Знаеш дека е важно да ги поделиш со својата сестричка. Размисли како треба сега да се извиниш поради тоа?“ се разбира, ова звучи многу поинаку од: „Е навистина си себичен!“

5.    Го охрабрувате вашето дете да ги развива своите интереси и таленти

Кога детето ги развива своите таленти, има можност да ја почувствува радоста од успехот и да ужива во патот до него со секој нов чекор. Постојат многу родители кои на своите деца им ги наметнуваат сопствените нереализирани соништа, терајќи ги да свират клавир или да тренираат кошарка. На тој начин се создава сериозен притисок врз детето затоа што тоа чувствува дека целта е да се задоволи родителот, а не неговото лично уживање во таа активност. Така се раѓа и чувството дека неговиот живот е во туѓи раце и под туѓа контрола.

6.    Создавате цврсти граници кога се работи за однесувањето на вашето дете за да ја осигурите неговата безбедност


Иако тоа не изгледа така, децата сакаат да им се постават одредени граници. Примери за здрави граници кои на детето му овозможуваат здраво растење се рутината во легнувањето во кревет навечер, почитување на членовите на семејството, поставување и почитување на роковите за доаѓање дома и слично.

7.    Ги поправате сопствените грешки


Ако сте во состојба да ги исправите грешките што сте ги направиле во комуникацијата со детето, тоа значи дека сте одличен родител. Ако сте му викале на детето, можеби сте го навредиле, важно е да ја признаете и да ја поправите вашата грешка. Треба и отворено да поразговарате со него и да објасните како требало да реагирате во тој случај, наместо да викате. Тоа е добар начин за поправање на грешката. Треба и да кажете дека ве преплавиле емоции кои ве спречиле исправно да реагирате.

Иако многу родители сметаат дека знаците на доброто родителство треба да се бараат во тоа колку е успешно детето во некоја област, дали се храни здраво и каков успех постигнува на училиште, успешното родителство всушност значи дека вие сте во состојба на своето дете да му обезбедите сигурна база, што е прв услов за неговиот непречен развој и растење, а се заснова на постојана добра меѓусебна комуникација – првенствено на љубов, почит и поврзаност.

Тоа е суштината на она што значи добар родител.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот