X
 18.02.2018 Живот

Петте митови за осаменоста

Големи се шансите во одреден период од животот да се чувствуваме осамено. Во Велика Британија дури и има нов министер за осаменост кој работи на адресирање на проблемот и изнаоѓање решенија. Се работи за сериозна тема, но има и многу митови поврзани со неа. Ова се неколку од нив:


1. Осаменоста е изолација

Да се чувствувате осамено, не значи да сте сами. Осаменоста е чувство на неповрзаност. Чувство дека никој околу вас не ве разбира и ги немате важните конекции во животот кои посакувате да ги имате. Изолацијата може да биде фактор, но не е единствениот. Може да се чувствувате осамено и во маса луѓе, како што е можно да бидете среќни кога сте сами.

2. Постои епидемија од осаменост во моментов

Осаменоста е сè почеста појава, но тоа не значи дека поголем е процентот на луѓе што се чувствуваат осамено во споредба со претходните години. Според минати студии, процентот на постари луѓе што чувствуваат осаменост останал ист во изминатите 70 години. Вистината е дека бројката на осамени луѓе расте бидејќи се зголемува и општата бројка на луѓе во светот.

3. Осаменоста е секогаш лоша

Осаменоста предизвикува болка, но добрата вест е што често се работи за привремена појава и не треба да се гледа како целосно негативна. Некогаш е знак дека треба да пронајдете нови пријатели или да најдете начин да ги подобрите постојните односи. Луѓето преживувале поради остварувањето врски со групи луѓе, па јасно е дека имаме механизам за преживување кој нè тера да се поврзуваме со другите. Иако најчесто е привремена, осаменоста може лошо да влијае врз квалитетот на сонот, да доведе до тага, како и да влијае врз целокупната благосостојба.

4. Осаменоста доведува до болести

Ова е малку комплицирано прашање. Често гледаме статистики кои тврдат дека осаменоста довела до загрозување на здравјето. Истражувањата покажуваат дека може да го зголеми ризикот за болести, но никој не може да биде сигурен целосно колкаво е влијанието. Можно е луѓето да се изолираат и да бидат осамени и ако веќе имаат одредена болест, а не обратно.

5. Повеќето постари луѓе се осамени

Се верува дека осаменоста е почеста појава кај постарите луѓе, но последните истражувања покажале дека ова се случува и кај адолесцентите, и тоа во голем број.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот