X
 20.02.2018 Живот

Почит кон другите - лекција што се учи од мали нозе

pocit

Родителите често им поставуваат големи очекувања на своите деца, не размислувајќи колкави се нивните можности. Децата се многу едноставни. Ако сакаат нешто, ќе го побараат. Aко не го добијат, ќе бидат лути и ќе плачат. Ваша задача е како да го научите детето да се однесува во новите околности со кои ќе се среќава.

Важно е децата што одат во градинка да се охрабруваат и да се поттикнуваат да учат нови работи. Ако го подигнете тонот или не му објасните на детето на убав начин, голема е веројатноста тоа да биде обесхрабрено, па нема да добиете резултати какви што би сакале. Децата се како сунѓери што ќе го впијат сето она што ќе им го кажете, така што добро би било да се потрудите да им ги кажете вистинските работи.

Што треба да знае детето за почитта?


Покажување почит - научете го детето кога и како на луѓето да им покажува почит. Слушањето е најлесната лекција со која треба да започнете. Бидете пример за вашето дете, внимателно слушајте го додека ви зборува, гледајте го в очи и повремено кимајте со главата како знак за одобрување. Така детето ќе знае дека сте заинтересирани. Исто така, добрите манири се знак за почитување на луѓето околу себе. Научете го детето на зборовите „молам“, „фала“, „повели“ и „извини“. Бидете учтиви и пристојни во комуникацијата со луѓето внатре и надвор од вашиот дом. Детето секогаш го копира вашето однесување.

Ветувањата мора да се исполнат
Ако сте му ветиле нешто на детето, тогаш тоа мора да го исполните. Треба да внимавате во избирањето на зборовите. Родителите што ги прекршуваат ветувањата, колку и да се мали, се лоши примери за децата и со такви родители и децата најчесто ги кршат своите ветувања.

Пофалете го однесувањето во кое детето покажува почит
Спонтаните ситуации во кои вашето дете се покажува како пристојно треба да се пофалат. Така детето ќе знае дека добро постапило и ќе запомни дека тоа однесување треба да го повтори. Важно е како ќе го пофалите детето. Пофалбата како „Денес беше добар“ нема да му значи многу. Затоа, треба да го пофалите поради конкретни реакции, на пример: „Денес беше многу пристоен кога ми се заблагодари за сокот“ - така на детето ќе му дадете до знаење дека неговите напори се вредни и дека некој ги забележува и почитува.

Тестирање на границите
Секое дете, порано или подоцна, ги тестира границите на вашата попустливост. Тоа за децата е тактика со која се служат за да откријат што е прифатливо однесување, а што не е. Поставете ги границите заедно со партнерот. Ако детето добива различни информации од две страни, тогаш потешко ќе ги прифати. Секако, родителите исто така сакаат да ги тестираат границите. Немојте да претерувате во воведување стеги бидејќи детето треба да остане дете. Не очекувајте дека ќе научи да комуницира и да се однесува како возрасна личност.

Воведете го правилото „пет минути“

Некои деца ги усвојуваат лекциите без приговор, без солзи, расправии или лутење. Но на некои понекогаш им е потребно време. Пред да го казните лошото однесување на детето, ставете се во негова позиција. Разбирливо е дека детето не сака да спие ако пред пет минути весело сте играле заедно. Зошто детето би сакало да спие кога играчките се пред него? Во ваквите ситуации правилото наречено „пет минути“ ја спасува работата. Дајте му на детето пет минути да заврши со играта и тогаш да оди на спиење.

Разговарајте само кога сте смирени

Никогаш не обидувајте се да воведите дисциплина и да го учите детето нови работи кога сте уморни, нервозни или лути. Одложете ги овие работи за подоцна, кога ќе бидете смирени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот