X
 20.09.2017 Живот

Зигмунд Бауман: Што е слободата?

„Слободата е парадокс. Ако треба да бидам целосно слободен – што значи дека можам да ги реализирам своите намери – другите луѓе тоа мора да го прифатат, дури и ако тие мои намери не се во согласност со нивните желби. Па, слободата на реализација на моите желби секогаш се рефлектира врз ситуацијата на другите луѓе. А тоа се рефлектира врз мене, врз мојата морална свест. Имам скрупули ако правам нешто против другите, се обидувам тоа да го намалам со оправдувања, со објаснувања дека сум морал. Дека немало друг начин, ни алтернатива. 

Моралноста не бара заемност. Мојата морална обврска е секогаш чекор пред твојата обврска. Таквите избегнувања, објаснувања на сопствената совест не се ефикасни бидејќи совеста е сурова и тешко ги прифаќа. Од една страна, другиот човек е препрека за слобода. Но, од друга страна, станувам слободен кога ќе сретнам друг слободен човек. И би додал: Се опиваме со слобода гледајќи ја појавата на другиот слободен човек. Па, претпоставката „моја и твоја слобода“ е услов за мојата слобода. Слободата е општа или ја нема. Слободата е секогаш поврзана со нужноста на компромисот. Апсолутната слобода, која истовремено ги помирува двете страни, е невозможна.

Индивидуализацијата, распаѓањето на етичките контексти, ослабувањето на авторитетот, недостигот на духовна власт која би ги поништила другите гласови – тоа е голема опасност. Доволно е да се погледне околу себе: живееме во корумпиран свет каде што не се одржува зборот, ниту обврската.
Моралното воспитување кон етичкиот кодекс се засновало на креирање послушен човек. А, всушност, моралот е состојба на хронична несигурност. Моралот не се заснова на верност на кодексот, туку на одговорности за други луѓе. Емануел Левинас го отфрла поимот за живеење со другите како основа на моралот. Не се работи за тоа заеднички да се маршира, туку да се биде заедно во морална заедница. Не се работи за тоа да се биде со другите во група, туку да се биде тука за другите. Треба да се стават настрана своите максимални желби и да се откаже од многу од нив. Тоа бара самопосветување. Необично важна особина на таа одговорност е безусловноста. Моралноста е заповед, но неизговорена.

Такви се парадоксите на слободата. Се вели дека слободата оди заедно со ризикот, но треба да се има на ум дека таа оди заедно и со морален ризик. Ако знам дека ја имам таа обврска, ме мачи непрестајна несигурност. Несигурноста во себе, немирните ноќи.

Научив дека постојат два основни, неопходни и неизбежни услови за достоинствен живот, кој носи задоволство. Тоа се безбедноста и слободата. Безбедноста без слобода е ропство, а слободата без безбедност е анархија.

Фројд рекол дека цивилизираниот живот е трговска размена – даваме дел од една вредност во замена за дел од друга вредност. Како што Фројд велел, реалноста е цврста, солидна – сите психички проблеми на човекот потекнуваат од таму каде што сме дале огромен дел од слободата за безбедност – безбедност од судбина, болест, натрапници. Денес Фројд би ја поставил следната дијагноза – страдањата на современиот човек потекнуваат од тоа што постигнал огромна, лична слобода, без преседан, во замена за давање огромен дел од безбедноста – во смисла на општествена позиција, сигурност во себе, вера во своите одлуки, авторитети. Тоа е сè изгубено.

Историчарот Ерик Хобсбаум велел дека почнало да се зборува за идентитетот кога престанало да се говори за заедницата. Сега сме почнале да говориме за заедницата бидејќи сме „прејадени“ од идентитетот. Веќе знаеме како се нестабилни идентитетите. Различни идентитети ни даваат чувство на апсолутен лет во просторот, можеме помеѓу нив да избираме.

Некои имаат повеќе идентитети истовремено. Газиме по жив песок. Не знаеме колку ќе трае позицијата што сме ја зазеле, врз основа на ситуациите во кои сме се нашле во животот.

Мојата желба е освестување на луѓето за тоа каква цена платиле за промената на своите ситуации. Ако се спореди животот онлајн со овој офлајн, првиот е значително полесен. За да се оствари контакт со друг човек офлајн, потребен е голем напор, обиди, отстапување од своите интереси. И еднакво тешко е да се прекине – треба да се измислуваат оправдувања, објаснувања, а понекогаш и лаги. Онлајн е лесно и да се приклучите и да се исклучите.

Кога бев мал многу го читав Сартр. Тој говореше дека треба себеси да си создадеме проект за животот, а во проектот да додадеме група на рецепти. А потоа да реализираме рецепт по рецепт. Кажете им го тоа денеска на студентите, ќе ви се насмеат. Многумина би биле среќни да имаат проект за следната година.
Знаете ли која е мојата единствена сигурност? Дека несигурноста е единствена сигурност. Јас во тоа навистина верувам. Кога се гледа овој свет, така егоцентричен, расипан, така тоа изгледа.“

Извор: Magazyn Świąteczny Gazeta Wyborcza 
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот