X
 05.11.2016 Култура

Луѓето од Меланезија носат ген од изумрена човечка раса


Луѓето од Меланезија носат ген на изумрена раса

Меланезија се наоѓа во јужниот дел на Тихиот Oкеан, а населението што живее таму во себе носи гени од изумрена човечка раса која најверојатно е далечен сродник со неандерталците, што допрва треба да се идентификува.

На собирот на Американското друштво за хумана генетика што се одржа во Канада, било наведено дека станува збор за вид на хуманоид кој не му припаѓа на неандерталецот или денисовскиот човек, подврсти на хомосапиенсот кои живееле во палеолитот. Станува збор за изумрен подалечен сродник на неандерталецот, познат единствено според примерокот на ДНК што е земен од коските на прстите и забите, што се откриени во пештера во Сибир.

Поранешна студија објавена во списанието „Наука“ обезбеди докази дека предисториските предци имале сексуални односи со неандерталците и денисовските луѓе пред неколку стотини илјади години. Откриено е дека гените на денисовскиот човек и неандерталецот, кои се вкрстувале со тие човечки предци, постојат кај денешните Азијци, Европјани и Меланезијци.

Истражувањето покажува дека тоа вкрстување најверојатно е одговорно за некои карактеристики на денешните луѓе – бојата на кожата, метаболизмот, ризик од зависност од пушење и депресија, додека за алергиите е одговорна ДНК на неандерталецот, што е присутна кај луѓето.

Научниците открија дека ДНК на денешните жители во јужниот дел на Тихиот Океан се состои од 2,74 проценти ДНК на неандерталецот. Се проценува дека ДНК на денисовскиот човек кај населението изнесува околу 1,11 проценти, што е помалку во споредба со проценките од другите научници кои сметаат дека процентот на ДНК се движи во распон од 3 до 6%.

Неандерталецот и денисовскиот човек се видови кои мигрирале од Африка пред 300.000 години и ја населиле Европа и некои делови од западна Азија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура