Би било „прекрасно“ доколку мртвите тела на луѓето би биле претворени во течна состојба, се разбира ако тие така сакале додека биле живи, смета еден водечки експонент за едуцирање на јавноста за смртта.
Роузи Инман-Кук, менаџер на добротворниот центар „Природна смрт“, истакнува дека тој процес, кога би се додал во опциите за начин на извршување погреб, би го подобрил статусот на Велика Британија како една од најлибералните земји на светот, во однос на изборите за погреб. Таа смета дека доколку луѓето го сакаат тоа, таквата можност треба да им биде пружена.
Овој процес, уште познат како ликвидно кремирање, или научно - алкална хидролиза, подразбира поставување на телото во цистерна под притисок, па претворање на телото во течна состојба преку користење комбинација од вода со алкален калиум хидроксид, на температура од 152 степени. Крајната хемиска реакција подразбира намалување на телото во ликвидна состојба.
Некои сметаат дека алкалната хидролиза е подобра од традиционалните методи за животната средина, бидејќи со кремирањето, на пример, се ослободува јаглероден диоксид поради загревањето на температури високи и до 1.150 степени. Сепак, има проблем со бојата на течноста што произлегува, па многумина ја споредуваат со боја на кафе. Постојат предлози течноста прво да помине низ филтри, пред да влезе во водениот циклус. Овој предлог поттикнува и низа морални прашања поради одбивноста кај многумина и неприфаќањето течноста да се вмеша со водниот систем, и покрај низата филтрирања што би се случиле и тврдењето дека таа течност би била сосема прочистена од какви било траги на ДНК. Секако дека на јавноста нема да ѝ се допадне идејата.
Сепак, Инман-Кук истакнува дека оваа можност треба да се воведе како избор на самите луѓе, повторно потенцирајќи дека Велика Британија е земја која има најлиберални погледи во врска со ова прашање. Ваквиот процес е иновација која многу ветува во однос на пронаоѓањето алтернативи за традиционалните опции за погребување на починатите. Процесот се применува на три американски локации, но Инман-Кук не е баш сигурна дали ќе започне со примена и во Британија, велејќи дека сигурно предлогот ќе се соочи со истата битка за прифаќање како и кремирањето во викторијанската ера.
Иако го промовира овој начин на погребување, желбата на
Инман-Кук е да биде погребана традиционално, во ковчег направен од рециклирани весници, во приватната гробница од нејзиното семејство.