X
 25.02.2018 Култура

„Бела роза“ и нејзините крвници


Софи и Ханс Шол



Пред точно 75 години, на 22 февруари 1943 година, во Минхен биле погубени Софи Шол на 21-годишна возраст, нејзиниот брат Ханс Шол, кој имал 24 години, и Криштоф Пробст – 23-годишен. Пробст бил оженет и имал три мали деца. Следните месеци биле егзекутирани и Александер Шморел (25), професорот Курт Хубер (49) и Вили Граф (25). А во јануари 1945 му била отсечена главата и на Ханс Конрад Лаипелт (23).

На сите им пресудил т.н. Народен суд претставуван од Роланд Фрајзер. Осудени биле затоа што пишувале, размножувале и ширеле антирежимски летоци на кои се потпишувале како „Бела роза“. Така и влегоа во историјата, како припадници на група на отпор која броела повеќе од десетина активисти, но која не била цврсто организирана. Многу други што биле поврзани со „Бела роза“ биле уапсени и сослушувани, осудени на затворска казна. Согласно законот што тогаш бил во сила, т.н. „Sippenhaft“, и нивните семејства биле на удар на Гестапо.

„Бела роза“ направила шест различни летоци – првите четири во периодот од јуни до средина на јули 1942 година. Петтиот леток се појавил кон крајот на јануари 1943 година, а последниот кон средината на февруари 1943 година. Ханс Конрад Лаипелт продолжил да ги шири летоците во Хамбург и по погубувањето на неговите другари во Минхен. Шестиот и последен леток стигнал до рацете на Британците, кои го размножиле и го испуштале од авиони низ цела Германија, во декември 1943 година.

Изземајќи го професорот по филозофија Курт Хубер, сите што работеле на составувањето на летоците биле студенти на Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен и потекнувале од добро ситуирани семејства во кои се негувале германската култура и љубовта кон татковината. Студирале медицина, свиреле на инструменти, пееле во универзитетскиот хор. Некои претходно биле воодушевени членови на Хитлеровата младина. Служеле војска и биле на фронтот за време на паузите од семестрите. Професорот Хубер бил и член на партијата.

Првенствено, незадоволството од режимот било предизвикано од сè поголемите забрани, прописи и присила на Универзитетот. Кога до нив почнале да допираат информации за бруталноста на национал-социјалистичката владејачка партија, им се јавила потреба да преземат нешто против тоа. Пресудно било сознанието за масовните депортации и погубувањата на Евреите во „Аушвиц“. Истовремено, Вермахтот почнал да ги губи фронтовите, биле бомбардирани германски градови во кои најмногубројни биле цивилните жртви.

Овие млади луѓе полни со идеали не ја замислувале својата татковина на овој начин. Своите летоци, во време на војна, кога сечие дејствување било сомнително и практично невозможно да се дојде до хартија, поштенски марки и плика, ги праќале на адреси на избрани луѓе во шест германски града. Сите примачи биле интелектуалци, видни граѓани, од кои барале да ги размножат летоците и да ги проследат до други луѓе. Меѓутоа, од 100 летоци, 35 завршиле кај Гестапо. Летоците ги поставувале во студентските шкафчиња кога училниците биле празни или на некои други скришни места.

Софи Шол и нејзиниот брат Ханс биле фатени на дело од домарот на Универзитетот, Јакоб Шмит, кој одлучил да ги задржи, а потоа и да ги одведе во канцеларијата на Ернст Хефнер, правниот советник на Универзитетот, кој воедно бил и човек за врска со тајната полиција Гестапо.

Активистите на „Бела роза“, особено Софи и Ханс Шол, покрај групата околу грофот Фон Штауфенберг која се обидела да изврши атентат врз Хитлер во 1944 година, се најпознатите претставници на отпорот кон нацистичкиот режим во Германија. Тие не биле политичари или дипломати, туку млади луѓе, момци и девојки, во кои нацистите полагале огромни надежи. Тие повикувале на ненасилен отпор – онака како што биле воспитувани. Многу училишта и улици денес ги носат нивните имиња.

   
Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура