Властите на Шри Ланка ангажираа двајца џелати во пресрет на бесењата со кои ќе му се стави крај на 43-годишниот мораториум на смртната казна во оваа островска држава.
Министерството за правда соопшти дека двајцата кандидати се избрани од група од 36 лица што ја минале обуката за џелати. За оваа работа во февруари се пријавиле стотина луѓе.
Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена, минатата недела потпиша налог за погубување четворица осуденици за злосторства поврзани со дрога. Пресудата е бесење.
Во Шри Ланка смртна казна последен пат е извршена во 1976 година, а погубување чекаат 1.299 затвореници, од кои 48 се осудени поради дрога.
Извор: МИА