Од 15 март до 1 април град Скопје ги отвара вратите на средните училишта за високообразовните институции кои сакаат да ги презентираат своите програми пред потенцијалните студенти.
- Можноста која им ја нудиме на средношколците е преку непосреден разговор и контакти, да добијат информации и одговори и да го направат вистинскиот избор за својот професионален развој – изјави градоначалникот Петре Шилегов.
Тој додаде дека досегашните искуства не се позитивни и покажуваат дека голем број матуранти не можат да донесат одлука во која дејност сакаат да се профилираат само преку посетата на саемите и медиумските промоции што ги организираат универзитетите и факултетите, бидејќи истите не се доволни да направат дистинкција помеѓу изборот и можностите.
Шилегов објасни и дека дополнителна предност на отворените денови на училиштата е фактот што учениците ќе пропуштат помалку наставни часови, што ќе овозможи непречено одвивање на наставата.