X
 02.06.2018 Образование

Денеска се полага државна матура, рекордно мал број пријавени

Во рамките на државната матура учениците полагаат 4 предмети и проектна задача, од кои екстерни се 3 предмети. Задолжителен за сите ученици е мајчиниот јазик

Само 15.256 матуранти се пријавени за полагање на државната матура во јуни. Ова е рекордно мал број на пријавени матуранти ако се спореди со изминатите години. Лани полагање на државна матура во јуни пријавиле 16.426 кандидати, а во изминатите години сме имале и над 18.000 матуранти. На пример, во 2012 година матура полагале речиси 19.000 ученици, што е значително намалување за разлика од годинешната бројка.

Во 2012 година имало речиси 19.000 кандидати

Желбата за неполагање математика останува иста, без оглед на намалениот број матуранти. Годинава за полагање на овој предмет се пријавиле само 1.926 кандидати, останатите избрале англиски јазик. Секоја година најголем дел од матурантите избегнуваат да го полагаат овој екстерен предмет, иако голем дел од нив се запишуваат на техничките факултети.
Од Државниот испитен центар (ДИЦ) ни ги испратија податоците за секој предмет поединечно.
- Во рамките на државната матура учениците полагаат 4 предмети и проектна задача, од кои екстерни се 3 предмети. Задолжителен за сите ученици е мајчиниот јазик. Оваа учебна година за полагање државна матура се пријавиле вкупно 15.256 кандидати – информираат од ДИЦ.



Денеска се полага странски јазик

Денеска во 10 часот во сите средни училишта матурантите ќе полагаат англиски, француски, германски и руски јазик. Мајчин јазик ќе полагаат на 9 јуни (сабота). За македонски јазик и литература се пријавени 10.119 матуранти, за албански јазик и литература 4.474, за турски 373. На 11 јуни (понеделник) ќе ги полагаат предметите хемија, физика, биологија, историја, филозофија, естетика и бизнис. Математика ќе се полага на 13 јуни (среда).


Пријавени кандидати по секој предмет. Извор: ДИЦ

Интерните испити од изборниот дел на државната матура се спроведуваат во термини утврдени од Училишната матурска комисија на предлог од соодветните училишни предметни комисии во периодот од 15 до 29 јуни.

Оние кандидати што во јунскиот испитен рок не положиле дел или сите испити од државната матура, ако од оправдани причини не полагале државна матура или дел од државната матура во јунскиот испитен рок или им била изречена мерка прекинување (отстранување) од испитот, полагањето може да го реализираат во август.
- Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит. Конечните резултати на кандидатите што приговарале ќе им бидат достапни по завршување на процесот на приговори. За кандидатите што не приговарале, прелиминарните резултати се конечни – велат од ДИЦ.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование