Еден час вежбање за време на паузата за ручек, пливајќи во базен, не е ништо необично за жителите на голем број западни земји. Меѓутоа, од неодамна многу шведски работодавци оваа практика ја воведуваат како задолжителна.
Меѓу нив се и јавната компанија за дистрибуција на вода „Калмар Ватен“ и компанијата на тенисерот Бјоерн Борг - „АББ“, чиј бренд е доста популарен во светот.
Секој петок нивните работници го напуштаат работното опкружување и еден час поминуваат во спортскиот центар што се наоѓа во близина.
Спортските активности е невозможно да се избегнат: повеќе од две години на огласната табла стои распоредот со задолжителни неделни спортски активности, започнати од директорот на компанијата „Бјоерн Борг АБ“, Хенрик Бунге.
Ако сакате да се вработите во оваа компанија, но не сакате да ги почитувате правилата на компанијата, тогаш ќе мора да си одите, вели Бунге, додавајќи дека поради едночасовните спортски обврски во текот на работното време, досега никој не си отишол. Вели дека целите што сака да се реализираат преку спортските активности се продуктивност, рентабилност и дружење меѓу вработените. А дека целите се реализираат, покажуваат и резултатите од истражувањето што во 2014 година го спровел Универзитетот во Стокхолм. Потењето за време на физичката активност во рамките на работниот ден се покажало како позитивно за вработените и работодавците. Вработените биле посконцентрирани, пофокусирани на работата и во подобра форма. Од друга страна, и работодавецот имал корист од тоа. Се покажало дека задолжителните спортски активности за време на паузата биле клучни за намалување на отсуствата од работа, како и боледувањата.
Забележани се за 22 отсто помалку отсуства на работа, што не е за занемарување со оглед на фактот дека во
Шведска процентот на боледување е двапати поголем од европскиот просек.
Со румени образи и насмевка на лицето, 60 вработени што учествувале на часот по јога велат дека спортската пауза е одлично нешто.