Вистинската Џесика Ричли е тинејџерка од Минесота. Кога е на „Фејсбук“ или на „Твитер“ се жали дека ѝ е досадно или разменува шеги со пријателите. Одвреме-навреме поставува селфи со „дак фејс“.
Но на „Твитер“ постои верзија од Џесика што ниту еден пријател не би ја познал. Двете Џесики ги делат името, фотографијата и биографијата, но другата Џесика на својот профил продава инвестиции на канадскиот пазар на недвижности, криптовалути и радиостаници во Гана. Лажната Џесика ги твитнува на арапски и индонезиски, јазици што вистинската Џесика не ги зборува. Џесика е 17-годишна средношколка, а лажната промовира порнографија.
Сите овие профили ѝ припаѓаат на американската компанија „Девуми“, која заработила милиони долари на светскиот пазар. „Девуми“ со седиште во Вест Палм Бич во Флорида продава твитер-следбеници и ретвитови на секој што сака да биде популарен или да има некакво онлајн-влијание. Со база од најмалку 3,5 милиони автоматизирани профили, компанијата на своите муштерии им нуди повеќе од 200 милиони твитер-следбеници, покажува истрагата на „Њујорк тајмс“.
Најмалку 55.000 профили користат имиња, профилни фотографии и други лични детали од вистински корисници на „Твитер“, вклучувајќи и малолетни лица, покажува анализата на „Њујорк тајмс“. „Не сакам мојата слика и моето име да бидат поврзани со тој профил. Не можам да поверувам дека некој би платил за тоа. Тоа е ужасно“, вели Џесика Ричли.
Овие профили се лажни пари во индустријата на онлајн-влијанија и буквално влегуваат во сите индустрии каде што масовната публика може да се претвори во пари. Според некои пресметки, од 48 милиони активни корисници на „Твитер“, речиси 15 отсто се автоматизирани профили измислени да симулираат реални луѓе. Во ноември „Фејсбук“ открил дека има најмалку двапати повеќе лажни корисници отколку што претходно било проценето, навестувајќи дека 60 милиони лажни профили постојат на најголемата социјална платформа во светот.
Овие лажни профили, познати како ботови, може да влијаат врз рекламирањето, ги преобликуваат политичките дебати, ги мамат бизнисмените и уништуваат репутации. Нивното создавање и продажба се наоѓаат под сивата правна зона. Додека „Твитер“ и другите платформи забрануваат купување на следбеници, десетици веб-страници ги продаваат.
Основачот на „Девуми“, Герман Калас, демантира дека неговата компанија продава лажни следбеници и вели дека не знае ништо за идентитетите украдени од лажни корисници. „Обвинувањата се лажни“, изјавил Калас во е-порака во ноември.
„Тајмс“ ги прегледал работните и судските извештаи што покажуваат дека „Девуми“ има повеќе од 200.000 клиенти, вклучувајќи ТВ-ѕвезди, спортисти, модели. За „ситни пари“, „Девуми“ им нуди следбеници, прегледи на „Јутјуб“ и слушања на „Саундклауд“, како и прегледи на „Линкдин“, веб-страница за професионално поврзување.
Во моментот кога „Фејсбук“, „Твитер“ и „Гугл“ се борат со политички манипулации и лажни вести, лажните следбеници на „Девуми“ служат како фантомски војници во онлајн политички борби.
Кристин Бинс, портпаролката на „Твитер“, вели дека тие главно не ги суспендираат корисниците за кои се мисли дека купуваат ботови. За разлика од некои други компании, „Твитер“ не бара профилите да бидат поврзани со вистинска личност и дозволува автоматизиран пристап од другите компании, со што ја олеснува контролата на повеќето профили.
Влијание врз економијата
Минатата година три милијарди луѓе се логирале на социјалните мрежи. Колективната желба за поврзаност создаде нов статусен симбол: бројот на луѓе што ве следат, ви лајкнуваат или ви пуштаат покана за пријателство. За некои, овој виртуелен статус е валута во реалниот свет.
Бројот на следбеници е од суштинска важност за таканаречените инфлуенсери (влијателни личности), трендсетери и јутјуб-ѕвезди што добиваат милијарди долари за спонзорирање на некој бренд. Според податоците од „Каптив8“, компанија што ги поврзува инфлуенсерите со брендовите, инфлуенсер со 100.000 следбеници може во просек да заработи по 2.000 долари за промотивен твит, а инфлуенсер со милион следбеници - околу 20.000 долари.
Повеќето клиенти на „Девуми“ продаваат производи, услуги или себеси на социјалните мрежи. Кети Ајрланд има над милион следбеници на „Твитер“ и често го користи за да промовира компании со кои има договори. Во јануари минатата година Кети имала 160.000 следбеници. Наредниот месец, вработен во брендинг-агенцијата чиј сопственик е таа, потрошил 2.000 долари за уште 300.000 следбеници. Портпаролката вели дека вработениот работел без одобрување на Кети.
Купување ботови
Маркетиншките консултанти купуваат следбеници за своите клиенти, а понекогаш и за себе. Џитендр Седев, кој себеси се нарекува најголемиот селебрити брендинг-авторитет, во 2015 година почнал да купува стотици илјади лажни следбеници од „Девуми“. Не сакал да коментира кога „Тајмс“ му побарал коментар. Но во неговиот неодамна објавен бестселер вели дека бројот на следбеници го има затоа што е многу автентичен.
Меѓу неговите следбеници е и Џесика Ричли, односно копијата.
Синџир на социјална поддршка
На интернет постојат страници каде што анонимни создавачи на ботови се поврзуваат со продавачи како „Девуми“ и масовно продаваат следбеници, лајкови и споделувања за многу социјални медиуми.
„Девуми“ зема ботови од различни создавачи во зависност од цената, квалитетот и довербата. За само неколку години „Девуми“ продал околу 200 милиони твитер-следбеници за најмалку 39.000 клиенти, што е третина од над шест милиони долари вредна продажба во тој период.
Некои
критичари веруваат дека „Твитер“ има бизнис-причини зошто агресивно не ги отстранува ботовите. Компанијата има проблем со зголемувањето на бројот на корисници, за разлика од конкурентите „Фејсбук“ и „Снепчет“. А надворешните соработници ја доведоа во прашање процената за бројот на корисници што всушност се ботови.
Автори: Николас Конфесоре, Габриел Денс, Ричард Харис и Марк Хансен