Кога имате десетици илјади лојални следбеници на социјалните медиуми кои би донирале за вашата кауза, зошто да не го искористите тоа?
Така вели Џован Хил, 25-годишен њујорчанец, кој заработува за живот од стримање на неговиот секојдневен живот на социјалните медиуми.
Хил истакнува дека неговите пријателски настроени интернет-покровители донираат по околу четири илјади долари секој месец за неговиот начин на живот, односно за тој да има пари да си ја плати киријата за станот во Бруклин, да има пари за марихуана, за видеоигри и облека, како и за да ѝ помогне на мајка си.
Овој 25-годишен њујорчанец во видеата зборува за поп-културата, дискутира за менталното здравје, а фановите можат да го видат и како пуши трева, зборува со пријателите и се шета низ населбата.
- Ова си го направив работа - вели Хил, кој уште од почетокот на годинава се потпира на следбениците кога станува збор за финансиска поддршка.
На почетокот од годинава тој го напуштил факултетот во Тексас и се преселил во Њујорк. Кратко работел во кино, но кога сфатил дека може повеќе да заработува на интернет, дал отказ.
- Во киното заработував помалку отколку што заработувам вака, седејќи в соба и стримајќи петпати на ден. Па, зошто да одам на работа - прашува тој.
Хил вели дека тој не инвестира пари во ништо бидејќи тој и неговиот цимер, кој исто така е стример, го мразат
капитализмот.