Лажни дојави за бомби имало утрово во неколку деловни објекти во индустриската зона во Охрид и во едно училиште, потврди за МИА портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Според него, вработените од индустриската зона, лоцирана во близина на градските гробишта, биле евакуирани, но за кратко време биле вратени во работниот процес.
- Во координација со јавен обвинител, СВР Охрид ги презеде сите неопходни мерки и притоа нема основаност во добиените дојави - изјави Димоски.
Повеќе детали не сподели, освен дека се работи за едно училиште и една фабричка хала.
Поради дојава за поставена експлозивна направа, според информации на МИА, евакуирани биле учениците во основното општинско училиште „Братство единство“, но по проверките вратени биле на настава.
Извор: МИА