Од 200 до 2.000 денари плаќаат жените за прегледи кај матични, избрани гинеколози и покрај тоа што, законски, тие треба да бидат бесплатни. Цената зависи од тоа колку и какви прегледи се направени и кај кој лекар оди пациентката. Наплатуваат најголем дел од овие специјалисти, а пари им земаат и на бремените, иако тие се ослободени и од партиципацијата во сите нивоа на здравствениот систем. Така, жените непотребно плаќаат, а овие лекари земаат пари кои ниту се евидентираат ниту се оданочуваат, а државата досега само советува не наоѓајќи целосно решение на овој долгогодишен проблем.
Проблемот со незаконското плаќање кај матичните гинеколози има повеќе страни. Жените во многу места тешко наоѓаaт матичен гинеколог зашто има недостиг од овој кадар, па кога ќе го изберат, често премолчуваат за плаќањето. Од друга страна, многу не знаат што им следува бесплатно. Гинеколозите, пак, велат дека државата го потценува нивниот труд, имаат големи трошоци, и со тоа колку им плаќа за да ги водат пациентките, не може да заработат за нормално да функционираат. Преку здружение неодамна предложија решение на проблемот и до новото раководство на Фондот за здравство, но засега немаат одговор. За да го реши, оваа институција треба да обезбеди плус пари.
Заработка на црно
- Кај мојот гинеколог сè е по 200 денари. Ако ме прегледува со ехо и правам ПАП-тест и колпоскопија, плаќам 600 денари. Нема да го сменам зашто тоа е најевтино за кое сум слушнала. Другарка ми плаќа 800 денари само за ехо - вели А.Ј. од Скопје.
Даниела М., исто така од Скопје, вели дека реагирала за плаќањето откако дознала дека прегледите се бесплатни.
- На групите на „Фејсбук“ прочитав дека не треба да плаќаме за прегледите. И на следната посета на гинекологот реагирав. Сестрата ми кажа дека добивале малку пари од Фондот и дека е тоа, ако сакам да одам таму, мора да платам. За ехо-преглед плаќам 500 денари. Ако во текот на еден ден лекарот има 10 пациентки за ваков преглед, а има многу повеќе, тој ќе земе 5.000 денари само од тоа. Пресметајте колку би зел за 20 работни дена - 100.000 денари, кои никаде не ги пријавува и не плаќа данок за нив. Ако го казнат за такво работење, казната ќе ја плати со неколку дена работа. Па јасно дека на многу не им одговара да има ред. Едни заработуваат на црно, државата гледа низ прсти за да не дава пари. А жените очигледно се небитни. Нема секоја пари за да плати, па многу нема да отидат на лекар - вели Даниела.
Контроли во 31 ординација
Фондот за здравствено осигурување, велат оттаму, е информиран од поплаки преку телефонски јавувања на осигуреничките дека матичните гинеколози им наплаќаат на жените во која било возраст, а исто така и на бремените жени.
- До Фондот има пријави за наплата од осигурените лица, било како анонимна претставка било како претставка во писмена форма со доставена фискална сметка. Во 2017 година извршени се 31 контрола во гинеколошки ординации, од кои шест контроли се извршени по доставена претставка, додека другите се по доставена писмена претставка преку архивата на народен правобранител. При контролите, во пет ординации е констатирана наплата на дополнителни финансиски средства, а исто така и во пет ординации недостигал дел од задолжителната ампуларна и ургентна терапија. Гинеколошките ординации во кои се констатирани неправилности се доставуваат до Комисијата за оценување на услови за изрекување договорни казни – велат од Фондот.
Лани до оваа Комисијата биле доставени и разгледани 29 записници од дејноста гинекологија. Од нив за шест не е изречена договорна казна. За останатите 23 здравствени установи била изречена казна за: наплата на дополнителни средства, некомплетна задолжителна и ургентна терапија, неиздавање квитанција; незапазени критериуми за издавање боледување и неизвестување на Фондот во предвидениот рок од 20 дена за промена на тим.
Барајте фискална сметка!
Кога избраниот гинеколог ќе побара пари за бесплатен преглед, советуваат од Фондот, осигуреничките треба да му посочат дека се запознаени со нивните права и дека прегледот кај избран лекар не се наплаќа.
- Во случај кога се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побараат фискална сметка за извршените здравствени услуги и да го информираат Фондот било преку претставка доставена во писмена форма било преку електронска форма, а во прилог да достават фотокопија од финансиската документација (фискална сметка) – велат оттаму.
Гинеколозите бараат повеќе пари од државата
Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, вели дека за да се реши проблемот, треба да се преземат низа мерки. Здружението пред околу еден месец поднело предлог до Фондот за здравство во кој бара да се промени начинот на кој државата ги плаќа матичните гинеколози.
- Прво бараме да се зголеми бодот според кој месечно се исплаќа капитација на лекарите од 50 на 60 денари. Потоа, да се воведат коефициенти, кои се множат со бодот, за возрасни групи. Најголем коефициент – три да имаме за жените од 18 до 45 години, еден и пол да биде за жените од 45 до 60 години, а еден за жени над 60 години и возрасната група од 12 до 18 години. Најмалку од сè сакаме да се споредуваме, меѓутоа, кај општите лекари, според коефициентите и според годините, една свекрва вреди речиси колку четири снаи – вели д-р Филиповски.
Тој објаснува дека во предлогот стои да се определи основен пакет на услуги со кој ќе се знае што за овие средства што ги плаќа државата ѝ следува на пациентката во текот на годината.
- Треба да седнат Фондот и Министерството за здравство и да се определи опсегот на работата. Има цела низа услуги што може да ги даваме, ако се дозволи, па така ќе се намали препраќањето пациентки во повисоки нивоа на здравствениот систем – вели докторот.
Тој објаснува дека една ординација без 100.000-120.000 денари месечно не може да функционира.
- Кај нас има многу трошоци. Освен за платите, ние купуваме гелови, ракавици, кондоми, препарати и лекови, инструменти за работа, мора да се одржува и обновува апаратурата за да работиме успешно... - додава д-р Филиповски.
Проблемот со плаќањето постои во услови кога здравствените власти и лекарите апелираат жените навреме да одат на гинеколог и за да се спречат несакани болести и за да одржуваат здрава бременост. Тоа, освен здравје, може да значи живот за пациентката, но и за бебето што треба да се роди.