Анета Павловска е македонска гордост на тениските спортски терени, судела на олимпијади, на светски познатите турнири „Вимблдон“, „Ролан Гарос“, на натпревари на тениските ѕвезди Ѓоковиќ, Федерер, Надал... И покрај големото искуство, кога започнува мечот, сѐ уште чувствува пеперутки во стомакот - доказ колку многу си ја сака работата.
На Олимписките игри во Париз судеше еден од најважните натпревари во тенис - женското финале меѓу Женг и Векиќ. Што значеше учеството на светскиот настан за тебе и за Македонија?
- Да се биде дел од најголемиот светски спортски настан за мене беше огромна привилегија, но и потврда за мојата напорна работа низ годините. Бидејќи и ние, судиите, поминуваме низ строг процес на селекција пред да бидеме избрани, учеството на Олимпијадата претставува круна за нашата работа. За Македонија, моето учество на Олимпијадата претставува меѓународно препознавање и потврда дека иако е мала земја, има квалитетни спортски професионалци кои се носат со светските спортски стандарди. Исто така, мојата приказна може да биде инспирација за идните генерации кои сонуваат за своите спортски и професионални успеси. Признанието на еден судија на Олимписките игри се надевам ќе доведе и до зголемена поддршка за спортот во Македонија. И среќна сум што бев избрана како дел од најдобрите судии да го судам мечот за женско злато.
Квалитетот секогаш ќе биде препознаен, без оглед на тоа од каде потекнуваме
Колку беше тешко за судијка која доаѓа од земја која уште е во транзиција и не е во ЕУ, да успее да суди светски тениски натпревари? Што беше пресудно?
- Како и во секоја работа, градењето интегритет, име и почит бара време и многу труд. Можеби ќе беше полесно доколку доаѓав од земја со богата тениска историја, голем број турнири или гренд слем турнир. Сепак, јас сум доказ дека со истрајност и упорност, квалитетот секогаш ќе биде препознаен, без оглед на тоа од каде потекнуваме. Најважно е да не се споредуваме со другите, бидејќи секој од нас има свој пат и своја приказна. Конзистентноста, посветеноста и упорноста се од суштинско значење. Првите неколку години беа навистина тешки. Не познавав никого и немав пристап до апликациите за турнирите, што претставуваше предизвик. Но, еве ме сега, успеав да ги надминам тие пречки и да си го трасирам патот до светските тениски натпревари.
Кои се најзначајните натпревари на кои си судела и ти оставиле најголем впечаток?
- Сите натпревари се значајни и битни како за нас, судиите, така и за играчите. Олимписките игри се врвот во спортот и сон на секој спортски работник. Мене тој сон ми се оствари, а имав и чест да бидам избрана да го судам женското финале за злато во Париз, а машкото финале во Токио, што секако се издвојуваат како значајни моменти во мојата кариера. Но, привилегијата да судам натпревари како 60. меч меѓу Новак и Надал на Олимписките игри, или најдоцна завршениот меч на Ролан Гарос во 3:06 наутро беа искуства што ќе се паметат засекогаш. Судев финалиња во женска и машка категорија на „Ролан Гарос“, како и полуфиналиња на „Вимблдон“, што беа непроценливи моменти за мене. Не можам да ги изоставам ниту ВТА-финалињата во Сингапур, Шенжен и Гвадалахара, на кои се оди само по покана, но особено сум благодарна за искуството на Параолимписките игри во Рио од 2016 година.
Кое беше твоето најстресно искуство?
- Иако не можам да издвојам конкретен најтежок момент, како денес се сеќавам на моето прво појавување на централниот терен во Париз. Имав толку голема трема, што не сакав да ја кренам главата и да погледнам во публиката во текот на целиот меч, а по завршувањето, уште не излезена од теренот, се расплакав од радост. Исто така, кога започнував со судење, на мојот прв турнир, се случи на терен истовремено да бидат и татко ми и брат ми, и тогаш ја направив првата грешка. Целата наша публика, навивајќи за Македонија, реагираше бурно, што за мене беше многу непријатно и сакав да избегам од теренот, но за среќа не го сторив тоа.
Ги спомена татко ти и брат ти, дали тенисот ви е семејна љубов на сите?
- Љубовта кон тенисот ја наследив од татко ми, кој исто така е тренер. 45 години го води тенискиот клуб во Битола „Академија Павловски“ и заедно со брат ми им ја пренесуваат љубовта кон тенисот и спортот на младите генерации. На терен сум откако знам за себе, од времето кога рекетот беше поголем од мене. Кога првпат почнав да судам, не мислев дека судењето ќе ми стане кариера. Започнав случајно на Дејвис куп во Македонија поради дефицит на судии, кога бевме повикани и јас, татко ми и брат ми да се приклучиме како линиски судии. Но, со текот на времето, ме привлече слободата што ја нуди оваа професија и динамичниот живот што го носи со себе. Судењето ми ги отвори вратите на светот, ми ги прошири хоризонтите и ме изгради како личност.
Судеше натпревари кога Ѓоковиќ ја освои 23. гренд слем титула, а Федерер 100. трофеј
Си судела натпревари на Ѓоковиќ, Федерер, Надал и други. Дали големината на тениските имиња ти предизвикуваше трема?
- Благодарна сум што сум дел од оваа златна тениска ера. Сум имала привилегија да бидам судија на многу натпревари, вклучувајќи ги и оние кога Ѓоковиќ ја освои својата 23. гренд слем титула и кога Федерер го освои својот 100. трофеј. За судиите едно непишано правило се првите пет минути и последните пет минути од натпреварот. Во тие моменти, додека да го започнам мечот, ги чувствувам пеперутките во стомакот. Тоа е едно позитивно чувство кое ми потврдува дека си ја сакам работата, а ме плаши доколку го немам.
Дали си разговарала со некој од нив по натпреварот? Какви се како луѓе?
- Од аспект на вербална комуникација, поради конфликт на интереси, со тенисерите немаме никаков контакт, но со секое случајно среќавање покажуваат почит и професионализам.
Дипломира економија, со страст креира шешири и ќе отвори свој простор во Скопје
Кои тениски турнири ти се најомилени?
- Секој од тие турнири има своја посебна магија и е различен на свој начин. „Вимблдон“ го сакам поради традицијата, место каде што историјата на тенисот се чувствува на секој чекор. Таму среќаваме колеги и во поодминати години кои судат и се дел од турнирот и по 50 години. Нивните искуства и приказни се фасцинантни, забавни и мотивирачки. Од друга страна, во Ројал боксот секогаш има некоја позната личност, било да е херој од филмовите или музичка дива. „Ролан Гарос“, пак, е неповторливо искуство со својот француски шарм. Тоа беше првиот гренд слем турнир што ми ги отвори вратите. Во Франција ја добив мојата бела значка и таму ги имав и првите финалиња, па затоа зазема посебно место во моето срце. Америка и Австралија имаат публика која доаѓа да го ужива искуството на целиот турнир и да се забавува. Тенисот ми овозможи да посетам повеќе од 70 држави, да сретнам прекрасни луѓе и да запознам различни култури.
Ти си дипломиран економист на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но и покрај неколкуте понуди, никогаш не започна кариера во економијата, зошто?
- Мојот пат ме одведе во светот на тенисот, а од неодамна и во уметноста, каде што се пронајдов себеси. Мојата страст за дизајнирање шешири и фасцинатори произлезе од креативноста што ја носам во себе, но и од љубовта кон уметноста. Бидејќи со тенисот работам околу 25 недели во годината, барав нешто што кога нема да бидам на пат, ќе ми дава исто толку големо задоволство и нема да ми ја одземе слободата. Така се роди „A Court” (инстаграм @a_court ). Во моментот работам на отворање сопствен простор во „Зебра центар“ во Скопје, каде што вистинските љубители на шапки и рачна изработка ќе може да си изберат уникатно парче уметност. Што се однесува до мојот личен живот, со сопругот Филип, кога не патуваме, живееме во Скопје, но исто така поминуваме неколку месеци годишно во Сиднеј, каде што тој живееше пред да се запознаеме.
Фото: приватна архива