X
 09.03.2019 Живот

Најдобрите земји за жените што сакаат да работат во странство

Селењето во нова земја за да се започне со нова работа е нервозно, малку застрашувачко и изненадувачко искуство. Но, тоа е и фантастичен начин да научите повеќе за нови култури, да си ги проширите хоризонтите и да развиете нови вештини.

Како и да е, ново истражување покажа дека веројатноста за селење во друга земја поради кариера е помала кај жените отколку кај мажите (25% наспроти 38%). Всушност, 28 отсто од жените ги наведуваат работата или едукацијата на нивниот партнер или, пак, нивната врска како нивната главна мотивација за селење во нова земја. Накратко, повеќето жени се селат во странство за да ги поддржат кариерите на нивните партнери, а не заради сопствените кариери.

Мажите, од друга страна, ја наведуваат нивната работа како главна причина за селење на ново место и само 13 отсто се селат поради љубов или поради кариерата или образованието на партнерката.

Во обид да охрабрат повеќе жени да си го стават својот напредок на прво место, од мрежата за иселеници „ИнтерНејшнс“ анкетирале 8.855 жени иселеници глобално за да утврдат во кои земји жените се најсреќни со нивните кариери.

За да се направи рангирањето биле земени предвид балансот меѓу работата и приватниот живот, сигурноста на работа и перспективата во кариерата.

Ова се десетте најдобри земји за жените кога станува збор за работа во странство.

10. Австралија

Фото: Business Insider

70 отсто од жените што се преселиле во оваа земја се задоволни од балансот меѓу работата и приватниот живот во Австралија (во споредба со оние 60 отсто на глобално ниво), а 60 отсто велат дека заработуваат повеќе отколку што би заработувале во нивната татковина.

9. Малта

Фото: Business Insider

Две третини од жените доселенички на островот се задоволни со сигурноста на нивната работа (во споредба со глобалниот просек од 58 отсто), а 58 отсто се задоволни со перспективата во кариерата (во споредба со 48 отсто од мажите).

8. Холандија

Фото: Business Insider

92 отсто од доселеничките во Холандија се задоволни од економијата, што е многу повеќе од светскиот просек од 64 отсто.

7. Нов Зеланд

Фото: Business Insider

Здравиот баланс меѓу работата и приватниот живот е една од најдобрите причини за селење во Нов Зеланд, каде што 78 отсто од жените се задоволни од нивниот баланс меѓу работата и приватниот живот.

6. Луксембург

Фото: Business Insider

Повеќе од три четвртини (76%) од доселеничките во Луксембург веруваат дека заработуваат повеќе отколку што би заработувале во нивната татковина. Исто така, голем процент (70%) од доселеничките се задоволни од сигурноста на нивната работа.

5. Данска

Фото: Business Insider

Откако минатите три години беше на десеттото место, Данска сега се искачи на петтото благодарение на тоа што доселеничките се позадоволни од сигурноста на работата, која од 53 отсто се зголемила на 61 отсто. Исто така, земјата има висок процент на задоволство од балансот меѓу работата и животот (82%).

4. Норвешка

Фото: Business Insider

Уште една скандинавска земја му покажува на остатокот од светот како се работи. 75% од доселеничките во Норвешка се задоволни од балансот меѓу работата и приватниот живот, а 93 отсто од сигурноста на работата. Истовремено, 86% се задоволни од работното време.

3. Тајван

Фото: Business Insider

Жените што работат во Тајван се посреќни од мажите кога станува збор за перспективите во кариерата (66 наспроти 62 отсто) и балансот меѓу работата и приватниот живот (77 наспрема 66 отсто), но мажите се малку позадоволни од нивната сигурност на работата (78% наспрема 72% кај жените).

2. Бахреин

Фото: Business Insider

Земјата оваа година бележи пад од едно место на листата, но две третини (66%) од доселеничките во оваа земја се задоволни од перспективите во кариерата и генерално се среќни со работата што ја имаат во Бахреин.

1. Чешка

Фото: Business Insider

Највисоко рангираната земја кога станува збор за работа за жени, Чешка, бележи подем од осум позиции за само една година. 83 отсто од жените во оваа земја се задоволни од работата и нивниот степен на задоволство е 11 отсто повисок отколку оној на мажите. 73% од доселеничките во Чешка се задоволни од перспективите во кариерата, 79% од балансот меѓу работата и приватниот живот и 78 отсто се задоволни од сигурноста на работата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот