X
 06.08.2017 Образование

Неповторливо искуство: „Бев воспитувачка еден час“


Воспитувачки и деца
(Фото: Pixabay)

Пред две години една новинарка на „Телеграф“ се обиде, барем накратко, да биде воспитувачка. Еве едно кратко потсетување на нејзиното искуство:

„Во еден момент сфатив дека за сите десетина малечки околу мене одговорна сум само ЈАС. Кога сите излеговме во дворот, морав да мислам на тоа многу повеќе.

Децата се најголемото богатство во животот. Нивното доаѓање на свет со себе носи море од преубави моменти, меки прегратки и бескрајна среќа. Родителите велат дека не постои поубаво чувство и речиси сите го паметат тој прв момент кога ги зеле своите бебиња в прегратка.

На прв поглед чувањето и воспитувањето деца изгледа лесно и логично, но всушност тоа е една од најтешките работи со кои се сретнува човекот. Затоа што родителството не се учи и никогаш не можете да бидете стопроцентно сигурни дека сте постапиле на вистинскиот начин.

Но, како е кога водите грижа и сте одговорни за туѓо дете?

За барем малку да навлезам во тој неверојатен свет и да ги побарам одговорите, ја посетив градинката „Наше чедо“, која се наоѓа во Земун, на адресата „Дубровачка“ број 20.

На вратата ме пречека насмеаната директорка, додека околу неа облетуваа слатки малечки деца.

Група преслатки „набљудувачи“ го насочија своето внимание кон мене, па првото изненадување ме пречека на самиот почеток:

„Тетко, а како се викаш ти?“

Навистина ми беше чудно некој да ме нарекува „тетка“ со оглед на тоа дека се чувствувам како да имам 16 години. Но истовремено беше и неверојатно симпатично.

Следуваше првото запознавање. Малечките на возраст од две до пет години ме обиколија и почнаа да ги кажуваат своите имиња. Вук, Ѓорѓе, Стефан, Наталија, Маја, Јована... Не можев да ги запомнам сите одеднаш. Кога дојде времето за ужинка, на сите им беа испишани нивните имиња, и тука се случи првиот проблем.

За да се снајдам во улогата на нова воспитувачка, почнав да ги прозивам по име, но тоа траеше предолго. Едвај успеав на крајот.

Малечките беа невообичаено послушни. Часот по музичко ме воодушеви. Ги знаеја сите песни на англиски и весело ракоплескаа, со огромни насмевки на нивните преслатки лица.

Мислев дека ќе ми биде потешко да го задржам нивното внимание, но тоа излезе многу лесно. Тајната била во тоа сè да им се соопштува низ игра и така да им се држи концентрацијата.

Меѓутоа, во еден момент сфатив дека околу мене има десетина малечки за кои одговарам исклучиво ЈАС. Кога излеговме во дворот, морав да се концентрирам на тоа многу повеќе.

Што ако некое падне и се повреди? Што ако се случи нешто?

Тука всушност сфатив колку работата на воспитувачите е тешка. Огромна одговорност за она што е највредно на светот – НОВ, МАЛЕЧОК ЖИВОТ.

Дуња, преслатко девојче со огромни сини очиња, ме врати во детството кога ме праша:

„Може ли да си играме Арачкињи, Барачкињи?“

Откако добро се изнатрчавме во дворот и изигравме уште неколку игри, седнав за момент и ги оставив малечките да уживаат во денот. Ми пријде едно слатко момче и ме праша дали знам што е љубов.

„Јас знам, но дали ти го знаеш тоа?“ – му одговорив.

„Јас не знам точно што е тоа љубов, но знам дека не знае секој да љуби!“

Моето време како воспитувачка заврши. Дечињата полека се враќаа назад во градинката, но јас уште долго останав да седам на таа клупа, размислувајќи за сè што ми се случи тој ден.

Ние сме овде да ги учиме децата, да ги насочуваме кон вистинскиот пат. Но, никогаш не смееме да заборавиме дека и ние можеме многу да научиме од нив.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование