Учесниците на конференцијата „South by Southwest“ (SXSW) што секоја година се одржува во Остин, Тексас, вчера присуствуваа на ненајавен настап на
Илон Маск, креаторот на „Тесла“ и „Спејс екс“. Тој ненајавен се појави како гостин на предавањето на Џонатан Нолан, авторот на серијата „Вестворлд“ на „Ејч-би-о“. Маск и Нолан заедно работеле на двеминутното видео од лансирањето на ракетата „Фалкон хеви“ на Маск. Тој барем досега беше познат по тоа што не сакаше да плаќа за промоција на своите производи па ова видео всушност е една од првите реклами на „Спејс екс“.
Маск во својот настап на конференцијата, отвори неколку теми:
1. Првите летови на ракетета „БФР“ во 2019 година
Тој истакнал дека неговата компанија „Спејс екс“ остварила голем напредок во реализацијата на целта до 2022 година да ги одведе луѓето на Марс. Очигледно, развојот добро им оди, со оглед што тој најави дека ракетата би можела да ги реализира своите први иницијални летови веќе во првата половина од 2019 година. Но, тоа не значи дека ракетата следната година ќе биде подготвена за летови на Марс, туку дека ќе реализира извесни пократки летања, кои Маск ги опиша како „летови горе-долу“. Сепак, првите летови кон Марс, кои се планираат за 2022 година, нема да превезуваат луѓе, туку само товар.
2. Колонијата на Марс ќе го спаси човештвото
Во својот разговор со Нолан, Маск го истакнал своето мислење дека најдобар начин за опстанок на човечката раса е колонизацијата на други планети. „Најверојатно ќе доживееме уште една мрачна доба. Особено ако се случи Трета светска војна.“ Тој смета дека „Спејс екс“ само го пробива патот до Марс за други конкретни компании кои би биле импресионирани од неговиот успех. Првите луѓе на Марс, според него, би биле мала група луѓе кои би имале визија да ги поместат сфаќањата за границите на човештвото. Според него, тие би поставиле темели за една демократска и претприемачка заедница на Марс. На почетокот,тие би имале само основна инфраструктура. Маск сака да создаде база за производство на горива, електрани, куполи за одгледување растенија, како и други основни елементи за преживување. Во натамошните фази се очекува да се развива претприемништвото, од леарници на железо до пицерии и ноќни клубови. Заедницата би имала демократско уредување, каде што жителите за сè би се изјаснувале преку непосредно гласање.
3. Маск и натаму се плаши од вештачката интелигенција
Тој повторно се задржал на својата параноја за опасностите од вештачката интелигенција. „Запомнете ги моите зборови, вештачката интелигенција е многу полоша од нуклеарното оружје. Зошто државите не ја регулираат неа?“ „Јас иако не сум приврзаник на државните регулации, сметам дека ова е сериозна закана за јавноста, затоа неопходно е едно јавно тело кое би имало увид и би вршело надзор“, изјави тој.
На прашањето зошто другите не се загрижени околу вештачката интелигенција како него, Маск изјавил дека никој не очекувал ваков брз развој. Како пример за тоа ја навел програмата на „Гугл“ за „Алфа гоу“, чија цел била единствено да се игра оваа социјална игра. По само неколку месеци развој, „Алфа гоу“ го победил најдобриот играч на светот. По него, стигнал и „Алфа гоу зиро“, софтвер кој самиот научил да игра „Гоу“, за потоа да го победи „Алфа гоу“ стопати по ред.
4. „Стармен“ не бил идеја на Маск
Непосредно пред појавувањето на конференцијата во Остин, Маск го објави своето промотивно инспиративно видео за лансирањето на „Фалкон хеви“. Интересно е дека двоминутното видео го режирал токму авторот на „Вестворлд“, Џонатан Нолан, во соработка со својата сопруга, сценаристката и продуцентка Лиза Џој. Нолан објаснил дека тој и Џој одлучиле да направат оптимистичко видео заради, како што изјавија, „дечкото кој поминал нездраво долго време размислувајќи за вселената“.
„Минатата година бев излезен на пијалок со пријател па разговаравме како да ги инспирираме луѓето“, изјави Нолан. „Се обидовме да смислиме накаква слика која би била шокантна за луѓето, за да ги поттикне да размислуваат за вселената. Смисливме црвен спортски автомобил во вселената, проследен од песна на Дејвид Боуви“. Значи, сепак се чини дека творецот на „Вестворлд“ исто така е творец и на „Стармен“.
5. Автопилотот на „Тесла“ следната година ќе биде унапреден
Извршниот директор на „Тесла“ – Илон Маск, неретко ја менува временската рамка во која планира да лансира нови верзии на „Автопилот“, автономниот систем на управување на „Тесла“. На конференцијата во Остин тој истакнал дека сите аспекти на автопилотот ќе бидат достапни следните 18 месеци. Овие негови наводи особено се интересни со оглед што поновите модели на автомобилите на „Тесла“ веќе се опремени со хардвер верзија 2.0 и 2.5, но чекаат на софтверска надградба секој момент.
Маск открил и дека неговиот самовозачки ситем ќе вклучува и нови „начини“ на возење. Така, „Тесла“ би требало да стане првата компанија која на пазарот ќе понуди автономен систем за возење кој ќе може да се движи по секакви патишта, а не само на автопат. Тој вели и дека новиот автопилот ќе биде два до трипати посигурен од кој било човек-возач. Меѓутоа, извршниот директор на „Тесла“ уште сега доцни, со оглед што новата генерација автопилоти уште на крајот од минатата година требаше да го одведе автомобилот од источниот до Западниот Брег на САД, според неговите поранешни изјави.