X
 21.03.2018 Култура

Најстариот центар за учење во светот

1

Уште од 9 век стариот Фез привлекувал научници, имами и интелектуалци во своите простории со надеж дека ќе откријат какво античко знаење крие градот.

Овој лавиринт на меѓусебно поврзувачки улици, фонтани и дворови останал ист уште од времето на неговата брза експанзија за време на династијата Маринид во 13 и 14 век.

Иако трошните урнатини на домовите можат да се најдат речиси на секој агол, мароканската влада неодамна инвестирала во обновување на медината, што денес се смета за еден од најдобро зачуваните историски градови во арапско-муслиманскиот свет. Исто така, се смета дека е една од најголемите урбани области во светот без автомобили, каде што магарињата и кочиите се главни начини за транспорт на стоката низ тесните, ридести улици.

2

Кратката прошетка открива сложена врежана исламска калиграфија и смирувачки мозаици - поединечно украсени плочки. Сепак, една зграда што се наоѓа во срцето на медината е особено интригантна за посетителите.

Изграден на самиот почеток на најстариот императорски град во Мароко, Универзитетот „Ал Караун“ бил основан во 859 година. УНЕСКО и Гинисовата книга на рекорди го сметаат за најстариот универзитет во светот што континуирано работел.

Античките сумерски општества започнале да ги инкорпорираат школите за писменост после 3500 година пр.н.е., но „Ал Караун“ држи светски рекорд бидејќи постојано нудел образование, уште од неговото основање. Овој универзитет се смета за првата образовна институција во светот.

Се наоѓа во срцето на стариот град, комплексот е составен од џамија, универзитет и библиотека, и е поврзан со лавиринт на меѓусебно поврзани улици од сите четири страни.

3

Приказната за тоа како настанала институцијата можеби е поинтересна од нејзината архитектура. Во средината на 9 век, кога Фез првпат се етаблира како раздвижена метропола, Фатима ал Фири, мигрантка од градот Каируан (денешен Тунис) се населила и се омажила во Фез заедно со својата сестра Маријам. Откако нивниот татко починал, сестрите одлучиле да го искористат богатството што го наследиле од него за да ја создадат џамијата Ал-Караун заедно со универзитетскиот комплекс. Со ова тие ѝ изразиле благодарност на заедницата.

Миријам го искористила нејзиниот дел од наследството за изградба на централната андалузиска џамија - нејзиниот прекрасно декориран ентериер може да смести 20.000 луѓе за време на молитва, додека парите на Фатима, заедно со нејзиното време и енергија, отишле во обезбедување место за образование на луѓето на Фез. Фатима била толку посветена на каузата што дури и постела за време на конструкцијата на комплексот (некои извори велат дека конструкцијата траела 18 години).

Џамијата е забранета за немуслиманите, така што туристите можат да ја видат само структурата на големиот двор заедно со неговите сложени, рачно насликани резби и фонтани. Џамијата е исполнета со визуелни детали, како што е детално декорираниот таван на главниот влез. Внатрешноста на зградата во голема мера била обликувана од династијата Алморавид, која ја проширувала џамијата и молтивените сали во текот на 12 век.

Дополнителни промени се случиле во текот на следните векови. Династијата Алмохад, која ја презела контролата над големите делови на Мароко и јужните региони на Шпанија, ги додала мавританските цветни модели и андалузискиот дизајн. Двете фонтани биле додадени на почетокот на 17 век.

Започнувајќи како џамија, со Кораник училиште и скромна библиотека, „Ал Карауин“ со години се трансформирал во светски позната институција која нуди студии на различни полиња, привлекувајќи луѓе од целиот свет.

4

Во раните години, училиштето се фокусирало на верско образование, но подоцна се проширило со лингвистика, право, музика, суфизам, медицина и астрономија. Во 1947 година „Ал Карауин“ бил интегриран во државниот образовен систем и конечно се приклучил на модерниот државен образовен систем со кралски декрет во 1963 година. Во 1965 година бил официјално преименуван во Универзитет „Ал Карауин“.

Династијата Маринид ја проширила библиотеката во 1359 година, додавајќи голем простор со повеќе од 20.000 напишани книги од раниот среден век. Исто така, библиотеката вклучува и 4.000 ретки текстови и ракописи.

Во 2012 година, Министерството за култура на Мароко искористило грант со кој го обновило универзитетскиот комплекс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура