X
 25.10.2024 Живот

На ова место можете да бидете сведок на еволуцијата на луѓето: Како успеваат да преживеат?

Луѓето постојано се прилагодуваат на нивната околина, а нашите еволутивни записи се запишани во нашите тела. Ова важи и за заедниците кои живеат на големи надморски височини, како што се тибетските популации, кои развиле посебни методи на прилагодување за да преживеат во услови на намален кислород. На Тибетската Висорамнина, на височини каде што нивото на кислород во воздухот е значително пониско отколку подолу, луѓето живеат и напредуваат во она што за повеќето други популации би значело тешка хипоксија - состојба во која на телото му недостасува доволна количина на кислород.

Професорката Синтија Бил од Универзитетот „Кејс Вестерн Резерв“ во САД со години ги проучува човечките реакции на условите со ниско ниво на кислород. Нејзиното најново истражување покажува специфични адаптации во тибетските заедници, кои им овозможуваат подобро да го користат достапниот кислород. Бил објаснува дека приспособувањето на хипоксија на големи височини е фасцинантно бидејќи стресот е силен и еднаков за сите луѓе на таа височина.

-Ова е прекрасен пример за тоа како и зошто нашиот вид покажува толку многу биолошка разновидност - изјавила Бил.

Како Тибетанките успеваат да преживеат?


За да ги откријат клучните адаптации, Бил и нејзиниот тим ги проучувале физиолошките карактеристики на 417 Тибетанки кои го поминале целиот свој живот на надморска височина над 3.500 метри. Тие го мереле нивото на хемоглобинот, протеинот кој го транспортира кислородот до ткивата, како и заситеноста со кислород во хемоглобинот. Интересно е што жените со најмногу живородени деца немале ниту висок ниту низок хемоглобин, туку просечен. Сепак, заситеноста со кислород во хемоглобинот била висока. Овие резултати сугерираат дека жените еволуирале адаптации кои ја максимизираат испораката на кислород до ткивата без да се згусне крвта, што дополнително би го оптоварувало срцето.

-Порано знаевме дека пониското ниво на хемоглобин е корисно, но сега знаеме дека средната вредност е најкорисна. Исто така, поголемата заситеност со кислород со хемоглобин е многу корисна - објаснила Бил.

Овие адаптации им овозможуваат на тибетските жени подобро да го користат достапниот кислород, дури и во услови кога многу други луѓе би имале сериозни здравствени проблеми.

Физиолошки прилагодувања

Покрај хемоглобинот и заситеноста со кислород, жените со најголем број живородени деца, исто така, имале зголемен проток на крв во белите дробови и поширока лева комора на срцето - дел од срцето одговорен за пумпање на крв богат со кислород во телото. Заедно, овие карактеристики го подобруваат транспортот на кислород низ телото и овозможуваат поефикасно преживување во услови на намален кислород.

Бил истакнува дека природната селекција е клучен фактор во овие адаптации. Имено, жените кои успеваат да го преживеат стресот од бременоста и породувањето, а во исто време да раѓаат здрави бебиња, ги пренесуваат своите адаптации на следната генерација. Ова е процес кој им овозможува на најсилните поединци да преживеат во дадена средина.

Културни фактори и еволуција


Иако физиолошките адаптации играат клучна улога, Бил предупредува дека културните фактори исто така имаат влијание врз стапките на репродуктивниот успех. Жените кои почнуваат да раѓаат порано и кои се подолго во брак, имаат повеќе шанси да забременат, што исто така го зголемува бројот на живородени деца. Сепак, дури и ако се земат предвид овие фактори, физиолошките карактеристики на Тибетанките сè уште се клучни за нивниот успех на големи надморски височини.

Истражувањето дава подлабоко разбирање за тоа како функционираат природната селекција и еволуцијата кај човечката популација. Тибетанките претставуваат пример за постојана еволуција на човечката раса, а нивната способност да преживеат и да напредуваат во екстремни услови, обезбедува увид во пошироките процеси на човековата адаптација и еволуција.

Извор: klik.hr

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот