Роберт Дакешин од Босна и Херцеговина за веб-страната
6yka го споделува начинот на кој тој научил 5 јазици, и за кој гарантира дека секој човек може да го доведе до конверзациско ниво за помалку од 6 месеци.
„Често добивав прашања како научив толку јазици, во што е тајната и слично. Да бидам искрен, никогаш не сум размислувал во што е тајната. Јазиците едноставно ги учев бидејќи ми одеа“, вели тој.
„Математиката од никогаш не сум ја сакал, а ни таа мене. Но, забележав дека англискиот ми оди добро. Едноставно, ги помнев зборовите кои ги читав. Ги помнев фразите, граматичките конструкции и усвојував нови информации, без многу мака. Сето ова, проследено со долгогодишно гледање американски филмови и серии резултираше нормално да комуницирам на овој јазик. После тоа сакав да научам нов јазик, но не знаев кој. Италијански, шпански, руски... сето тоа ми беше некако интересно. И така, размислувајќи, најдов една книга на шпански низ дома и започнав да ја прелистувам. За брзо време сфатив дека можам да сфатам многу од неа и беше интересно да се учи ваков јазик“, вели тој.
„Од тој момент активно научив четири нови странски јазици - шпански, португалски, италијански и словачки. Четири јазици во пет години“.
Како? Ова е методот со кој се служел Роберт.
1 чекор - 3 именки, 3 глаголи и 1 придавка.
Ова реално може да се направи за 5 минути. Ако секој ден учиме 3 именки и така 6 дена со ред, тоа се 18 именки неделно. На месечно ниво тоа се скоро 80 именки и глаголи, а со овој број на глаголи лесно можете да формирате рееници. На годишно ниво, ќе усвојувате преку 2.000 нови зборови.
За само 5 минути дневно ќе знаете преку 900 именки, а за година дена ист број глаголи. 6 дена зборови, и малку граматика. Еднаш неделно повторување и поактивно учење граматика.
2 чекор - „Duolingo“
Користејќи го „Duolingo“ после 6 до 8 месеци Роберт без проблем можел да води конверзација на јазикот кој го изучувал, а „Duolingo“ е страна на која бесплатно можете да учите странски јазици. Поседувате илустриран интерфејс, вежбите се прилагодени за прогресивно да ве водат кон се' повисок степен и постојано во новите лекции ви додаваат стари зборови за да не ги заборавите.
Вежбите се состојат од преведување, слушање аудио записи и пишување зборови кои ги слушате за да вежбате пишување и од зборовите кои ги внесувате врз основа на сликата која ја гледате. За секоја вежба добивате одредени поени, со чија помош купувате разни дополнителни лекции и отклучувате нови зборови во рамките на програмата што уште повеќе ве мотивира да учите понатаму.
Покрај тоа, „Duolingo“ создаде мала заедница од луѓето кои учат странски јазици, па доколку сакате да го проширите вашето знаење, можете да пронајдете луѓе кои го зборуваат јазикот кој вие го учите и од нив да барате помош доколку имате некакви сомнежи.
3 чекор - Пријатели во земјата во која се зборува јазикот
Наредниот чекор е да пронајдете некој чиј мајчин јазик е јазикот којшто го изучувате и секако, да комуницирате со оваа личност. После неколку месеци допишување и комуницирање, вашето знаење значително ќе се зголеми.
4 чекор - Јазикот кој го учите нека биде околу вас
„Единствената работа каде луѓето грешат кога учат странски јазик е тоа што се запишуваат на курс од два часа неделно, кој понекогаш го прескокнуваат и очекуваат дека со неколку часа месечно ќе реализираат напредок. Некои истражувања покажуваат дека за активно познавање на некој европски јазик потребни се околу 400-500 часа учење“, вели Роберт.
„Доколку сакате да научите јазик, треба секој ден да бидете во контакт со него. Гледајте што повеќе филмови, слушајте песни или аудио книги на тој јазик. Најдете го текстот на песните и преведете го. На овој начин ќе го проширите вашиот вокабулар на многу спонтан и забавен начин“.