X
 05.12.2019 Наша тема

Кој е виновен за дивеењето на учениците низ македонските училишта?

Во училиштата се занемаруваат поблагите форми на агресивност, третирајќи ги како нормална работа за децата. Особено се занемарува психолошкото насилство, кое е секојдневно, а најчесто група го врши врз поединци. Затоа што тоа не е видливо, тоа не остава гребеници, тоа не остава крв, но остава духовни траги

Наставниците или родителите? Училиштето или домот? Општеството или образовниот систем? Недобиеното внимание од родителите или купеното? Кој е виновен за дивеењето на учениците низ македонските училишта и споделувањето на видеата на инстаграм-групата „Најлудите школски видеа“, сторија која вчера ја објави Факултети.мк.

Сите по малку, велат експертите. Стручните лица сметаат дека ваквото однесување е и израз на бунт и повик за помош бидејќи системот комплетно го има изгубено компасот на моралните вредности и општествени норми. Што може да го натера еден ученик да се однесува вака, намерно да фрла стол или клупа од прозорец или да си ја удира главата од врата со цел да ја скрши?

Социологот Пере Аслимоски смета дека очекувањата на родителите и наставниците во едно нормално општество се училиштето да се развива како второ семејство за децата. Место каде што продолжува нивниот сложен процес на хуманизирање и подготвување за живот во заедницата. Но, додава Аслимоски, и покрај тоа што воспитно-образовната дејност се темели врз хуманоста и демократијата, евидентно е дека се јавуваат одредени појави кои се обременети со агресивност, однесувања кои отстапуваат од воспоставените вредности и норми во училишната средина.


Ученик ја пали клупата со запалка и спреј

- Начините на кои се манифестира агресивноста во училиштето во последните две децении се од недолично однесување до непочитување на социо-културните, економските и другите разлики, како и најразлични облици на социопатолошко однесување, па сѐ до криминални дела. Моја оцена е дека во последните две децении на девијантното однесување во училишната средина не му е дадено потребното внимание и овие појави не го добија нужното значење. И тоа на општествено ниво, а за тоа придонесуваат училишните раководства, кои во настојувањето училиштата да ги претстават во што подобро светло ги занемаруваат овие појави - вели тој.

Особено е опасно психолошкото насилство

Како особено опасно го смета психолошкото насилство во нашите училишта.
- Во училиштата особено се занемаруваат поблагите форми на агресивност, третирајќи ги како нормална работа за децата. Особено се занемарува психолошкото насилство, кое е секојдневно, а најчесто група го врши врз поединци. Затоа што тоа не е видливо, не остава гребеници, не остава крв, но остава духовни траги. Тоа е посебен проблем - вели социологот.
Каде е улогата на наставниците во ваквото однесување, како тие најдобро да се справат со насилници? На видеата објавени на инстаграм-групата јасно се гледа дека учениците недолично се однесуваат во присуство на две професорки. Директори на училишта, пак, вчера ни објаснија дека е тешко да се справат со проблематичните ученици бидејќи не постои мерката бркање од училиште поради задолжителното средно образование.

- Не е добро кога еден наставник ќе каже дека не може ништо да направи. Веројатно тие што се соочуваат со ваквите појави најдобро знаат како им е. Но дека треба нешто да се направи, треба. Односите во училиштето или поточно речено класот како заедница се регулирани со вредности и норми. Оние што не ги почитуваат тие вредности и норми мора да понесат одговорност за нивното кршење. Одговорноста е и на наставниците кои немоќно се соочуваат со таквите појави барајќи некакви оправдувања. Крајно, покрај носителите на девијантните појави, одговорни сме сите, и како родители и како наставници и училиштен менаџмент, но и институција и општество во целина што не сме изградиле конзистентен систем кој брзо ќе ги детектира и соодветно ќе реагира на ваквите појави. Тоа, пак, подразбира преиспитување на системските и правните аспекти на прашањето, преиспитување на посветеноста, мотивираноста и оспособеноста на училишната структура во извршувањето на ваквиот дел од воспитната дејност и на сите нас како родители и општество во целина што сме потфрлиле во правилното вредносно ориентирање на учениците кон животот, мирот, слободата, демократијата, човековите права, разбирањето, добрината, пријателството, хуманоста солидарноста и други вредности што ги детерминираат секојдневното однесување и размислување на младите - вели тој.

Она што е најважно не е прашањето како да се санираат овие појави, проблемот е зошто дошло до тоа, да се најде изворот за ваквото однесување. Тие деца што манифестираат вакво однесување веројатно сакаат да пратат некоја порака кон општеството, кон сите. Па и кон родителите - укажува Аслимоски.
Социологот потенцира дека причините и корените за агресивност во училишната средина се повеќеслојни, некои имаат макросоциолошка димензија, некои - микросоциолошка.

- На пример, глобалните процеси на транзиција, со сето она што го носат, сѐ уште имаат еден дел на рефлексија врз агресивноста кај луѓето, па и училишната средина. Во заедница во која не е важно како и на кој начин се станува успешен, богат и моќен тоа влијае врз младите и нивното однесување. Има млади што се идентификуваат со квазивредности, со оние што на лесен начин станале моќни, богати. Тука е и пасивното родителство, родителите постојано се борат со динамичниот начин на живот, па ги занемаруваат децата - објаснува Аслимоски.


Ученик фрла клупа од прозорец во училиштен двор

Казни не важат за ученици со „педигре“

Професорка од скопско средно училиште вели дека не се проблем казнените мерки, туку тоа што во одредени ситуации тие не се почитуваат со цел да се заштитат ученици со „педигре“.

- Излезот е во функционирање на правниот систем без исклучок, неселективно. Директорите, исто така, имаат врзани раце, мора да спроведат како што им се наложува поради партиските интереси и длабоката инволвираност на политиката во образовниот процес - вели таа.

Професорката по англиски јазик од средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, го поставува и прашањето за бесплатното образование.

- Ако се оди во коренот на проблемот, единствено е јасно дека одреден дел од учениците повеќе ги проучиле своите права отколку обврски. И не ги користат, туку ги злоупотребуваат. Најлесно е да кажеме дека е безизлезна ситуацијата. Меѓутоа, постои нешто што се вика задолжително бесплатно образование кое веќе треба да се ревидира и системски да се процени дали донесе повеќе придобивки или штети во образованието. Апелирам до надлежните да направат анализи со експерти и инволвирани лица во образовниот процес и итно да се најде модел да се спречи секоја мерка на непочитување на просторот што им го трасира животниот пат, образовниот модел кој им е даден здраво за готово (бесплатно) итн. Можеби е време да размислиме дека бесплатното образование се добива со исполнување одреден критериум, задржување одреден просек, имање примерно поведение - вели Петковска-Микаровска.

Инстаграм-групата „Најлудите школски видеа“ (Crazy.school.videos.mk“) беше избришана во текот на вчерашниот ден, најверојатно од самите админи по објавувањето на нашата сторија. Засега не е познато во кои училишта во Македонија се случувал вандализмот, но од Министерството за внатрешни работи ни изјавија дека од вчера Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика постапува по овој случај.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема