X
 04.04.2018 Живот

Нов бран вработувања во Германија и побрза нострификација на дипломите

германија

Во Германија моментално недостигаат повеќе од 17.000 работници во секторот за туѓа нега и помош. Новиот министер за здравство, Јенс Шпан, сака да го намали овој драстичен недостиг на негуватели со зголемен увоз на работници.

Шпан изјави дека како што е планирано, според новиот закон, ќе се ангажираат нови 8.000 работници од овој профил, но водечките хуманитарни организации проценуваат дека на Германија ѝ се потребни дополнителни 100.000 негуватели за да се покријат потребите на старата популација.

Шпан најави и забрзана нострификација на дипломите на кандидатите од странство.

„Понекогаш овие процеси траат со месеци и години пред докторите и негувателите што се веќе тука да можат да почнат со работа“, вели Шпан и додава дека овој проблем набрзо ќе се реши во соработка со федералните покраини.

Еден од најважните елементи се програмите со кои професијата негуватели ќе се направи попривлечна од другите, како и зголемување на платата. Медиумите предупредуваат дека многу негуватели работат на одредено време преку агенции кои плаќаат под договорената плата.

За полно работно време, вработените негуватели заработуваат месечно околу 3.000 евра бруто, додека оние што се вработени преку агенции заработуваат 500 евра помалку.

Според последните статистики од 2015 година, во Германија работат околу 300.000 странски негуватели, а најмногу доаѓаат од Полска, Босна и Херцеговина и од Казахстан.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот