Компаниите што досега ја тестираа четиридневната работна недела се сосема задоволни од резултатите, а задоволни се и нивните вработени. Се покажа дека вработените се поангажирани и попродуктивни во текот на тие четири работни дена, додека дополнителниот слободен ден ги прави посреќни и имаат повеќе време за себе и за своите лични работи. Иако звучи како сон, во иднина може да има нешто многу подобро, што секако сите ќе го поздрават - тридневна работна недела.
Извршниот директор на „ГП Морган“, Џејми Дајмон, неодамна зборуваше за ова кога рече дека следната генерација работници може да работат само 3,5 дена во неделата. Причината за тоа, како што рече тогаш, е вештачката интелигенција и нагласи дека децата на сегашната генерација ќе живеат сто години и нема да имаат болести како тумори, исто така благодарение на вештачката интелигенција.
Бил Гејтс размислува слично. Во неодамнешниот поткаст тој рече дека може да дојде ден кога луѓето повеќе нема да треба да работат толку напорно.
- Во некоја иднина, веројатно ќе има машини што ќе прават храна и други работи - рече тој како гостин во поткастот на Тревор Ноа.
Различни се мислењата за влијанието на вештачката интелигенција на пазарот на труд во иднина. Од една страна, вештачката интелигенција би можела да ги ослободи луѓето од некои здодевни и повторувачки задачи, односно би можела да стане вредна алатка што ќе ни помогне да ги извршуваме секојдневните задачи побрзо и поефикасно. Во тој случај, мнозинството би можело да профитира од технологијата и побрзо да си ја заврши работата и да има повеќе време за себе.
Но, постои и друга страна. Ако вештачката интелигенција стане толку добра во извршувањето на секојдневните работи, тогаш многу од тие работни места повеќе нема да бараат луѓе, што значи дека многумина би можеле да останат без работа и да имаат тешкотии при повторно наоѓање работа на пазарот на трудот каде што роботите и алатките за вештачка интелигенција вршат човечки работи.
Гејтс рече дека не верува дека овие промени ќе бидат големи како во случајот со индустриската револуција, но сигурно ќе бидат големи како воведувањето на персоналните компјутери.
Покрај вештачката интелигенција, Гејтс разговараше со Ноа и за неговата кариера и рече дека меѓу 18 и 40 години неговиот живот бил само и исклучиво „Мајкрософт“, но сега сфаќа дека работата не е цел на животот.
Фото: Screenshot/YouTube