Фармацевтските компании денес користат компјутерски симулации за да предвидат како ќе дејствуваат одредени лекови на пациентите.
Еден таков метод за брзо предвидување на биомолекулски интеракции е познат како молекуларен докинг. Изразот докинг (англ. docking) се јавил при анализа на интеракцијата на две молекули која потсетува на моментот на „усидрување“. Изразот се користи за да се опише компјутерска шема со која се предвидува структурата на интермолекулскиот комплекс меѓу две или повеќе молекули.
Целта на молекуларниот докинг е предвидување правилен начин на врзување две молекули според координатите на атоми кои ги сочинуваат. Овој метод, впрочем, е виртуелна симулација на молекулските интеракции и е најчесто користена техника во создавањето лекови врз основа на структурата.
Фото: Pixabay
Молекуларниот докинг е најкорисен за болестите каде што доаѓа до брзо создавање отпорност на лековите, како некои видови рак или депресија. Постоењето на вакви методи ги намалува и траењето и потребата за тестови направени на животни бидејќи предвидувањето го ограничува бројот на можни позитивни исходи во планираните експерименти.
Може да се предвиди и дека слични пристапи би можеле да се користат за создавање вакцини против патогени болести и карциноми, но и за предвидување на токсичноста врз основа на структурата.
Конечно, брзината на современото секвенционирање на геномот во комбинација со зголемените способности на компјутерите може да дозволат пресметување персонализирани протеински структури. Овие структури би можеле да се користат за предвидување на ефикасноста и токсичноста на лекот кај поединецот.
Извор:
National geographic
Насловна фотографија: Pixabay