X
 18.02.2020 Живот

Изгледот на градовите кога би биле изградени по мерка на жените

Секој град во светот го смислиле и го изградиле мажи. Што би било кога жените би ја добиле истата можност?

Одговорот на ова прашање може да го најдеме во Барселона.

Последниве четири години овој град има градоначалничка со изразено феминистички цели. Би-би-си разговараше со феминистките во градскиот урбанистички завод за тоа што мислат дека треба да се промени за градовите да бидат подобри за жените.

Отстранување на автомобилите


Џенет Санз е советничка за урбанизам во Барселона и жена која стои зад иницијативата за воведување блокови во кои сообраќајот би бил сведен на минимум. Ова е составен дел од многу поголем и многу поамбициозен проект.

- Размислете, во Барселона околу 60 отсто од јавниот простор го заземаат автомобилите. Истиот момент кога ќе го реорганизирате овој простор, искажувате поддршка за групите што досега немале пристап до тој простор. Мораме да ја спречиме ситуацијата во која најсилните заземаат најмногу место. А автомобилот го прави токму тоа - вели Џенет.

Планот наречен „Суперилес“ на каталонски или „Суперблок“ предвидува на улиците да се вратат пешаците, велосипедистите или едноставно луѓето што сакаат да поминуваат време на улица.

Планот е девет блока од единствениот мрежен нацрт на Барселона да се спојат во еден голем суперблок кој ќе биде затворен за сообраќај - во него ќе можат да влегуваат само оние возила што мораат, а брзината на движење ќе биде ограничена на 10 километри на час. Гаражите за паркирање ќе бидат под земјата.

Наместо фреквентни раскрсници, суперблокот ќе има паркови, излетнички клупи и игралишта.

Проектот го смислил Салвадор Руеда - маж - а неговата идеја била да излезе на крај со загадувањето на воздухот и да се создадат јавни простори.

Но, Џенет Санз и нејзиниот тим дадоа феминистички осврт на неговата идеја, поставувајќи ја локалната заедница во самата средина.

Барселона досега организирала шест вакви простори низ целиот град, а се надеваат дека проектот ќе се прошири на уште 500 блока.

„Не“ за вулгарностите

Луѓето од Барселона сакаат добра забава, а градскиот совет смета дека сите имаат право добро да се забавуваат во јавност - без оглед дали е ноќ или ден.

Така што, каде и да постои некој фестивал или место на кое младите се забавуваат, ќе најдете „пунт лила“ или „виолетов пункт“, информациски центар на кој мажите и жените можат да дојдат до совет за тоа како да ја запрат сексуалната злоупотреба или мачо-однесувањето.

Припадниците на информативните служби, како, на пример, Лаура Марти Марторел, шетаат по областите со богат ноќен живот, внимаваат на младите и им зборуваат дека имаат помош при рака ако се најдат во неволја.

Градскиот совет создал и апликација „Но ес но“, со чија помош можете анонимно да пријавите сексуална агресија што сте ја доживеале или на која сте присуствувале, а за која полицијата можеби не знае.

Повеќе тоалети

1
Фото: Unsplash

Страшна неправда е и фактот што можат да го потврдат жените од сите краеви во светот - редовите пред женските тоалети речиси секогаш се подолги отколку пред машките. Постојат неколку причини за тоа.

Жените мора да седнат на веце-школката, што значи дека на жените им е потребно трипати повеќе време. Исто така, жените мора да одат во тоалет почесто од мажите - од други причини како месечен циклус или бременост. А во речиси секое друштво жените и понатаму во поголема мера се примарни негуватели, така што мора до тоалет да испратат друга личност.

- Многу мајки ни имаат кажано дека не можат да ги користат јавните тоалети бидејќи мора да влезат со детска количка, а не можат да ја туркаат. И затоа најчесто не ги користат - вели Бланка Валдивија од дизајнерскиот колектив „Пунт 6“.

Така што, во теорија, женскиот тоалет треба да биде трипати поголем од машкиот и треба да ги има во поголем број. Но, нацрт-плановите за зградите ретко го земаат тоа предвид.

Игралишта

1
Фото: Unsplash

Без оглед дали сме свесни или не, просторите што ги користиме од мала возраст се одделени - дури и игралиштата.

- Ако не размислите за нацртот како што треба, најчесто имате еден голем униформиран простор во средината - вели архитектот Дафне Салдана од „Екуал Саре“, колектив од урбани дизајнери кои сакаат играта да стане малку пофер.

А во тие простори обично доминира една активност: фудбалот.

- Кога има топка или физички поактивна игра, тие заземаат голем простор и не оставаат место за други активности - вели Дафне.

„Екуал Саре“ неодамна зел еден запуштен двор во работничко предградие и го претворил во игралиште. Го одделиле просторот со помош на боја, различни видови подлога и мебел за екстериер.

Сега просторот е поделен во „соби на отворено“, каде што се поттикнуваат разновидни активности - со игралиштето повеќе не доминира само една група или еден спорт.

Еден друг феминистички принцип бил клучен за процесот - сослушување на другите. Секој од заедницата бил прашан, и младо и старо, и машко и женско, што би сакал да има во тој простор.

А еден од најчестите одговори бил...

Клупи

2
Фото: Unsplash

Тие се посебен предмет на опсесија за феминистичкиот колектив „Екуал Саре“ и „Пунт 6“.

- Не станува збор само за друштвена работа. Станува збор за основната потреба за мобилност на луѓе кои се болни, имаат некаков инвалидитет или за негуватели или старатели на деца. Постои сериозен дефицит на клупи, а тоа ги спречува луѓето да го користат јавниот простор - вели Бланка од „Пунт 6“.

Властите на Барселона поставиле 500 нови клупи во само еден кварт во Барселона.

Имињата на улиците


За еден град да стане рамноправен, мора да се случат многу повеќе работи отколку само да се направи жените да се чувствуваат безбедни. Суштината е во тоа жените да се чувствуваат забележани.

Бидејќи, ако размислите подобро, градовите се преполни со имиња на мажи. Истражување спроведено во седумте најголеми светски градови покажало дека само 27,5 отсто од улиците го носат името на некоја жена.

Барселона се труди да го поправи тоа. Половина од новите улици градските власти ги именувале по жени.

Град по мерка на жените можеби е далеку од реалноста, но во Барселона можеме да видиме како би можела да изгледа иднината.

Извор: b92.net/BBC
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот