X
 06.03.2022 Живот

Срамно поглавје во историјата на Европа и Америка: Не толку одамна мажи, жени и деца биле чувани во кафези

Овие шокантни ретки фотографии ги покажуваат таканаречените „човечки зоолошки градини“ во кои биле чувани домородци за да можат Европејците и Американците да ги гледаат и да ги исмеваат.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век западниот свет очајно сакал да види „диви“, „примитивни“ луѓе опишани од истражувачите и авантуристите што патувале во нови земји.

За да се задоволи љубопитноста, илјадници домородни народи од Африка, Азија и делови од Америка биле донесени во САД и во Европа, честопати под сомнителни околности, за да бидат изложени во „човечки зоолошки градини“.



Такви постоеле во Париз, Хамбург, Антверпен, Барселона, Лондон, Милано и Њујорк. Карл Хагенбек, трговец со диви животни и сопственик на многу зоолошки градини во Европа, одлучил во 1874 година да ги „разоткрие“ и Самоанците и Сами луѓето како „чисто природни“ популации.

Во 1876 година тој испратил соработник во египетски Судан да донесе нови диви ѕверови и - Нубијци. Изложбата на Нубијците била многу успешна во Европа и ги обиколила Париз, Лондон и Берлин.



Во 1880 година Хагенбек испратил агент во Лабрадор за да обезбеди Ескими/Инуити; овие Инуити биле изложени во неговиот хамбуршки Тиепарк. Неговите изложби вклучувале имитации на египетските и бедуинските населби.

На Светската изложба во Париз во 1878 и 1889 година било претставено црно село (village negre). На Светската изложба во 1889 година, која ја посетиле 28 милиони луѓе, 400 домородци биле прикажани како главна атракција.

Светската изложба во 1900 година претставувала „живот во Мадагаскар“, додека на изложбите во Марсеј во 1906 и 1922 година и изложбите во Париз во 1907 и 1931 година биле прикажани луѓе во кафези, често голи или полуголи.



Изложбата во Париз во 1931 година била толку успешна, што за шест месеци ја виделе 34 милиони луѓе, а на неа биле претставени номадски сенегалски села.

Во 1904 година Апачите и Игоротите (од Филипините) биле изложени на Светскиот саем во Сент Луис, кој следувал по Летните олимписки игри. Таа година, по Шпанско-американската војна, САД добиле нови територии како Гуам, Филипини и Порторико, што им овозможило да „покажат“ некои од жителите на тие држави.



Во 1906 година Медисон Грант - елитист, евгеничар, аматерски антрополог и шеф на њујоршката зоолошка градина - организирал конгоанскиот пигмеј Ото Бенга да биде изложен во зоолошката градина Бронкс, Њујорк, заедно со мајмуни и други животни.

По налог на Грант, директорот на зоолошката градина, Вилијам Хорнадеј, го ставил Бенга во кафез со шимпанза, а потоа со орангутан по име Дохонг и папагал. Тој ја нарекол претставата „Алка што недостига“, сугерирајќи дека во еволутивна смисла, Африканците како Бенга биле поблиски до мајмуните отколку до Европејците. Тоа предизвикало протести кај градското свештенство, но јавноста наводно се насобрала да го види.

ото
Ото Бенга/Фото: Wikipedia

Како дел од претставата, Бенга гаѓал цел со лак и стрела и се борел со орангутан. Иако, според „Њујорк тајмс“, малку луѓе изразиле поголем приговор за глетката на човечко суштество во кафез со мајмуни, сепак, имало незадоволство бидејќи свештениците со темна кожа во градот биле навредени.



- Сметаме дека сме достојни да се сметаме за човечки суштества, со душа, а не да изложуваме еден од нас со мајмуни - рекол пречесниот Џејмс Х. Гордон, управител на сиропиталишта во Бруклин.

На 8 септември 1906 година, по само два дена, режисерите решиле да не ја прикажуваат претставата, но луѓето сè уште можеле да го видат Бенга како шета низ зоолошката градина, често придружуван од толпа која го исмејувала.

Во човечките зоолошки градини од почетокот на 20 век домородните луѓе се соочиле со многу предизвици. Од членовите на африканското племе се барало да носат традиционална облека дизајнирана за екваторијалната топлина, дури и при ниски декемвриски температури, а филипинските селани морале да вршат сезонски ритуал на јадење кучиња одново и одново за да ја шокираат публиката. Недостигот на вода за пиење и ужасните санитарни услови довеле до ширење на дизентерија и други болести.

Иако во повеќето случаи немало решетки за да ги спречат да избегаат, огромното мнозинство, особено оние донесени од други континенти, немале каде да одат.

Извор: National Geographic
Фото: Facebook/Hispano Filipino Heritage
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот