X
 21.08.2024 Наша тема

Се намалува бројот на студенти на техничките факултети: Речиси 3.000 помалку за една деценија, но зголемен бројот на жени за 35 отсто

Во Македонија е надмината стигмата дека техничките науки се машки професии, иако бројот на запишани и дипломирани студенти опаѓа, позитивен тренд бележи порастот на жени кои студираат на техничките факултети.

Додека сите универзитети во државата во последните десет години бележат раст од 5 проценти на бројот на запишани студентки, кај техничките науки забележан е раст дури од 25 отсто. Тоа посочува дека како општество Македонија веќе ја истиснала стигмата дека техничките науки се машки професии. Ова се само дел од заклучоците во студентските истражувања „Техничките науки меѓу интересот и побарувачката“ и „Жените во инженерството“ на студентката Анастасија Велјановска од Кичево, под менторство на редовен проф. д-р Цвете Димитриевска од Техничкиот факултет во Битола.



Во истражувањата се земени релевантни податоци од Државниот завод за статистика за периодот од 2011 до 2023 година, а анализирани се шест клучни години, односно секоја втора. Ако во академската 2011/2012 од вкупниот број студенти запишани на техничките науки - 8.377 само 24 проценти биле жени, во 2022/2023 година од вкупно 5.595 дури 49 проценти се жени.

Првиот програмер на компјутер била жена

Студентката Велјановска посочува дека историјата памети многу жени што се истакнале во техничките науки. Августа Ада Кинг, грофица од Лавлејс, англиски математичар и писател, која го создала првиот алгоритам специјално приспособен за компјутер поради што се наведува како прв компјутерски програмер. Потоа Хеди Ламар, австриско-американска инженерка и актерка која за време на снимањето, меѓу сцените, создала тајна револуционерна технологија за пренос на распространет спектар со прескокнување на фреквенции кој работел слично како денешните ГПС, блутут и вај-фај. Марија Склодовска-Кири, пионер во областа на радиоактивноста, првиот двократен добитник на Нобеловата награда. Во плејадата жени ја споменува и англиската хемичарка Розалинд Френклин, позната по нејзиниот модел што довел до откривање на двојната спирала на ДНК. Маргарет Вилкокс, машински инженер и пронаоѓач, позната по развојот на дизајнот на грејачот за автомобили, машина која комбинирала перење на алишта и садови и шпорет за готвење и загревање вода. Мери Андерсон била изумител на бришачите за шофершајбната на автомобилите, Патриша Бат на ласерскиот уред за отстранување катаракта и многу други.



Пад на бројот на запишани и дипломирани студенти на техничките науки во земјава

Ваквиот позитивен тренд не се однесува на бројот на запишани и дипломирани студенти на техничките науки на сите државни и приватни универзитети во Македонија, кој бележи пад. Според анализираните податоци, на секои две години од 2011 до 2022 година бројот на запишани студенти на техничките науки се намалува за близу 700 студенти, со исклучок на 2022/2023 кога има пад само за 31 студент. Но, тоа и не толку оптимистички ако се земе предвид дека и онака бројката на запишани студенти пред десет години била 8.377, а до лани опаднала на 5.595, или за 2.782 студенти помалку.

- Полоша слика има во бројот на дипломирани студенти на техничките науки за 47 проценти, и тоа од 1.277 во 2011 година до 674 во 2022 година - се посочува во истражувачкиот труд објавен во Зборникот од универзитетската студентска конференција 2023 на УКЛО.

Пандемската 2020/2021 година со најмалку студенти и дипломци

Опаѓа и бројот на вкупно запишани студенти на универзитетите во државата. Намелен е за 8,4 проценти за анализираните десетина години, и тоа од 58.747 запишани во 2011/2012 година до 53.821 во академската 2022/2023. Драстично отстапување се забележува во 2020/2021 година кога се запишуваат рекордно мал број студенти – 50.881, што се должи и на корона-кризата.



И бројот на дипломирани студенти на сите универзитети е намален за 28 проценти, од 10.392 во 2011 година на 7.483 во 2022 година. Понекогаш за две години има опаѓање дури и за 1.616 студенти. Најмалата стапка на дипломирани студенти се забележува во 2020/2021 за време на пандемијата, кога има 6.907 дипломирани студенти или околу 800 студенти помалку од пред две години. Во 2022/2023 се забележува благо зголемување за околу 570 студенти.



Расчекор меѓу побарувачката на пазарот и интересот за студирање

Ова се случува во услови кога се зголемува побарувачката на лица што имаат вештини и знаења за техничките науки. Во последните неколку години има хиперпродукција од општествените науки и премногу економисти, правници, социолози, филозофи, но нема доволно инженери. Се отвораат индустриски капацитети на кои секојдневно им треба соодветен кадар. Специјалистите од областа на техничките науки претставуваат дефицитарен кадар во цела Европа.

- Од исклучителна важност е промовирањето на техничките науки и претставувањето различни видови стимулации со цел зголемување на бројот на студенти на техничките науки и постепено исполнување на потребите на пазарот на трудот - се заклучува во истражувањето.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема