За тимовите со помалку пациенти, како и за оние во помали места и во руралните средини ќе обезбедиме средства за гарантирана минимална плата и за лекарот и за сестрата, за да не се случи затворање на здравствени установи и одлевање на кадар, рече заменик-министерот за здравство Рендевски
Матичните лекари не продолжуваат со протести по средбата денешната средба во Министерството за здравство со кое договориле да се формираат работни групи во кои ќе учествуваат претсавници на Лекарската комора и кои ќе ги решаваат нивните барања и проблеми.
Д-р Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство рече дека по средбата со претставниците на матичните лекари ги разбрал и нивните барања и проблеми и дека договориле најдоцна за една до две недели да се формираат работни групи, кои ќе ги решаваат овие проблеми.
-Точна е забелешката на претседателката на Здружението на приватни лекари д-р Чолакова Дервишова дека една третина од 1.436 тимови на матичните лекари со средствата што ги добиваат преку договорите со Фондот се на раб на егзистенција и едвај имаат средства за да поделат минимална плата и на лекарите и на медицинските сестри. Ќе придонесеме да можат да опстанат и да останат да работат, а за оние тимови со помалку пациенти, како и оние што работат во помали места и во во руралните средини ќе обезбедиме да имаат средства за гарантирана минимална плата и за лекарот и за сестрата, за да не се случи затворање на здравствени установи и одлевање на кадар - рече заменик-мнистерот Рендевски.
Тој додаде дека за поголемите амбуланти на матични лекари, каде што има и повеќе тимови, исто така ќе обезбедат да има минимална загарантирана плата за лекарот и сестрата во вториот и третиот тим.
Рендевски инфомираше дека разговарал со дел од менаџерскиот тим на Фондот за здравствено осигурување околу барањето на лекарите за укинување на казнената политика, и дека ќе се потруддат во иднина за административни грешки да нема парични казни, туку лекарите да добијат само опомена.
-Сметаме дека ќе излеземе во пресрет и на пациентите и на матичните лекари - рече Рендевски.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на матични лекари, рече дека ќе ги прекинат протестите и дека на состанокот ги пренеле нивните барања.
-Побаравме заедно со Лекарската комора во работните групи да има човек што ги разбира работите и на оваа прва средба со заменик министерот добивме поддршка од него и позитивен став кон напшите барања. Кажавме и за проблемот со режимот на пропишување, проблемите на малите амбуланти - рече Чолакова Дервишова.