И наставниците се приклучија во протестите на младите британски ученици. Тие денес ќе протестираат за реформи во националната наставна програма за климатската и еколошката криза да станат приоритет во образованието.
Групата „The Extinction Rebellion“ ќе ги поддржи демонстрациите надвор од Одделот за образование, кои организаторите ги опишуваат како мирни ненасилни протести. Минатиот петок, повеќе од 10.000 млади луѓе во најмалку 60 града во Велика Британија учествуваа во протестите.
Се очекува наредните протести да бидат помасовни доколку владата не се придржува до Парискиот договор за климатските промени и доколку не го подобри образованието за климатските промени. Како што велат организаторите, моментално не постои барање децата да учат за климатската криза, така што оваа тема се третира како дел од предметите географија и природни науки. Исто така, тие се незадоволни што дел од наставната програма се чини дека фрла сомнежи врз доказите за климатските промени предизвикани од човекот дури и ако владите, ОН и големото мнозинство научници прифаќаат дека тоа навистина се случува. Владините насоки за учење хемија се дека учениците треба да учат за доказите и несигурностите во доказите и дополнителни антропогени причини за климатските промени.
Фото: Billie Charity/Barcroft
Тим Џонс, професор во средно училиште во Луишам, вели дека учениците во државните училишта кои поминуваат низ 11-годишно задолжително образование учат за климатските промени помалку од 10 часа, од вкупно 10.000 часа. Со оглед на степенот на кризата, тој верува дека ова е несовесно.
- Kлимата и еколошките дефекти ќе го дефинираат животот на секое дете и студент денес. И тие и ние се соочуваме со незамислива катастрофа. Кога им кажувам на моите ученици, тешко им е да ме сфатат сериозно кога климатските промени речиси ги нема во содржината на нивното образование - вели тој.
Претходно овој месец групата „Наставници за климатската вистина“ испратија писмо до Одделот за образование во кое побараа преструктурирање на тековната наставна програма за да ги подготви децата за иднината што ќе биде обликувана од еколошката и климатската криза.
- Ако ги чуваме овие информации надвор од јавниот домен - на пример училиштата, можеби би можеле да избегнеме непријатни разговори во годините што доаѓаат. Кој би сакал да му каже на детето дека ако не направиме промени во начинот на кој живееме, полека одиме кон општествен колапс, глад, војна и зголемена веројатност за истребување на човекот? - пишува во писмото.
Британската влада соопшти дека сегашниот наставен план веќе вклучува многу проблеми поврзани со промените на годишните времиња, циклусот на водата, циклусот на јаглеродот, екосистемите, составот на атмосферата и влијанието на јаглеродниот диоксид врз климата.
- Децата се многу ангажирани, инаку не би биле дел од протестите. Тоа покажува дека тие учат за овие работи - вели еден владин претставник.
Дамјан Хиндс, секретар за образование, упати критики до младите демонстранти.
- Пропуштањето на наставата нема да ѝ помогне на животната средина; само ќе се создаде дополнителна работа за наставниците - рече тој.
Денешните протести се очекува да привлечат помеѓу 100 и 200 наставници и академци, од кои повеќето се на полугодишен одмор. Организаторите разговарале и со синдикатите за зголемување на поддршката за време на наредниот глобален штрајк за климатските промени што ќе се одржи на 15 март, со можности како излегување на наставниците од настава, до давање домашни задачи на теми за климатските проблеми.
Протестите се зголемуваат и во другите земји. Во Австралија, каде што последниве месеци е забележан бран на протести, министерот за образование на Нов Јужен Велс, Роб Стоукс, ги предупреди учениците и наставниците дека ќе бидат казнети ако не одржуваат часови за да се приклучат на глобалниот протест за климата на 15 март.
Иницијаторот на движењето за
училишни протести, Грета Тунберг, му одговори со интересен твит: - Во ред. Те слушнавме. И не ни е гајле. Твојата изјава припаѓа во музеј.
Минатата недела, 200 академци изразија поддршка за младите активисти во отворено писмо до „Гардијан“. Меѓу нив беше и Алисон Грин, доктор по психологија, која поднесе оставка од нејзината позиција како провицеканцелар на Универзитетот „Арден“ за да може да се посвети на климатскиот активизам. И таа денес се приклучува на протестите.
- Неверојатно храбро е за учениците да се соочат со оваа застрашувачка перспектива; дека иднината на која се надеваат не е достапна за нив. Изненадени сме што децата отидоа на протести и покрај заканите за казни. Најмалку што можеме да направиме е да им парираме на нивната храброст - изјави Алисон Грин.