Во 2050 година вие ќе бидете мртви, но ние не - младите во светот се повикани утре да учествуваат на протести со кои од возрасните ќе се побара да преземат одлучни мерки против климатските промени, по примерот на Швеѓанката Грета Тунберг, која го започна движењето.
Повикот на протест на младата активистка која од летото секој петок протестира пред парламентот во Стокхолм досега наиде на одѕив во Белгија и Германија, каде што се собираат илјадници млади лица. Но, на овој светски штрајк за иднината средношколците и студентите ќе ги напуштат училниците и во Сиднеј, Париз, Токио, Монтреал, Хонгконг...
- Штрајкуваме за да им порачаме на нашите влади да ја исполнат својата должност и да ни дадат докази - стои во јавниот апел на „Фејсбук“.
Станува збор за докази дека светот презема мерки кои се потребни за да се ограничи глобалното загревање на не повеќе од 2 Целзиусови степена во однос на прединдустрискиот период, како што е предвидено со Парискиот
договор.
Со движењето наречено „Петок за иднина“ (Fridays For Future) се предвидуваат демонстрации во илјадници градови во стотина земји. Меѓутоа, тешко е да се каже колку млади ќе излезат на демонстрации.